Потценет технички и дизајнерски бисер
» Настанувањето на Alfa Romeo Montreal звучи како холивудска приказна, со автомобил во главната улога. Започнува некаде во втората половина на шеесеттите години, кога Канада подготвувајќи ја светската изложба во Монтреал 1967 година по повод 100-годишнината од државноста на земјата, сакајќи секоја нација на неа да се претстави со најдоброто што го може, испраќа покана до Alfa Romeo да учествува со модел кој ќе ја претставува максималната стремеж што може да ја постигне човекот во однос на автомобилите и да го покаже како технолошки симбол на манифестацијата. Одговорните во Alfa Romeo ја прифатија поканата но не ја сфатија сериозно честа која им се укажува и го задолжија дизајнерското студио Bertone да го подготви експонатот, каде пак задачата му беше доверена на тогаш 29-годишниот Марчело Гандини.
А тој си ја заврши работата како треба – прототипите без име испратени во Монтреал предизвикаа еуфорија кај бројната публиката (за шесте месеци колку што траеше, манифестацијата ја посетија неверојатни 55 милиона луѓе, скоро тројно повеќе отколку што Канада имаше жители), но и реакции на стручната јавност која тврдеше дека интересот за нив ќе спласне за кратко време. Тоа сепак не се случи – под притисок на своите северноамерикански дилери, во Alfa Romeo решија концептот од Монтреал, како што го нарекуваа, да го преточат во сериски модел. Но бидејќи италијанскиот производител тогаш беше под управа на државата и раководните лица повеќе се грижеа да си обезбедат подобри функции со повеќе влијание отколку за резултатите од работењето на компанијата, развојот на новиот модел се развлече, а кога пак беше готов, лошо беше лансиран на пазарот.
Публиката на салонот во Женева во 1970 година, каде беше претставен под називот Montreal, сепак реагираше позитивно. Пред неа се најде прекрасен автомобил со нови и свежи линии и V8 мотор развиен од тркачкиот Tipo 33. Изработен од алуминиум, имаше зафатнина од 2,6 литри и со помош на механичко вбризгување на горивото развиваше 200 коњски сили. Пренесувани преку петстепен ZF менувач и самоблокирачки диференцијал, тие обезбедуваа максимална брзина од 220 km/h и забрзување до 100 километри на час за 7,4 секунди. За визуелно да го скрие испакнувањето на хаубата потребно за да сместување на моторот, маестро Гандини вметна лажен отвор за воздух на нејзината средина, што заедно со половичните решеткасти капаци на светлата кои се отвораа нанагоре кога тие ќе се вклучат, стана заштитен знак на овој модел.
Но, остатокот од возилото не беше на ниво на дизајнот и моторот. Беа користени многу компоненти од постоечките модели кои се покажаа несоодветни за ваков перформансен автомобил. Кабината беше тесна, со евтини материјали, слаб квалитет и изразено лоша прегледност и ергономија. Накратко кажано, се добиваше целокупен впечаток на недоработеност. Плус на тоа, производството беше комплицирано – шасијата се правеше во погоните на Alfa во Арезе покрај Милано и се испраќаше кај Bertone во фабриката во Казеле Торинезе, каде се монтираше каросеријата. Потоа се транспортираше во друга нивна фабрика во Груљаско, исто покрај Торино, каде се лакираше и се вметнуваше ентериерот, па оттаму назад во Арезе за да се вградат моторот и останатата механика. Сето ова резултираше со нестабилно производство и многу висока цена – Alfa Romeo Montreal беше далеку поскап од Jaguar E-Type или Porsche 911.
Сепак, и покрај сé, самиот почеток на продажбата беше ветувачки, иако првите примероци стигнаа до своите сопственици дури пролетта 1972 година. Но, тоа траеше кратко и недостатоците и лошиот публицитет надвладеаја над фантастичното чувство на екстаза што го создаваа атрактивниот дизајн и солидните перформанси на V8 моторот кој беше премногу чувствителен за секојдневна употреба и купувачите се проретчија. Колку несериозно Alfa Romeo се грижеше за овој модел покажува и фактот што тој никогаш не беше хомологиран за продажба во САД и Канада. Практично непроменет остана во ценовниците на нивните дилери до 1977 година, иако многу пред тоа престана да се произведува – не е познато точно кога бидејќи Alfa Romeo долго ги распродаваше залихите. Беа направени 3.925 примероци, кои и покрај што се симбол за врвната концепција, желбата за брзина и беспрекорната убавина, нешто што отсекогаш ги красело моделите на Alfa Romeo и генерално италијанските автомобили, и денес се потценети од страна на колекционерите.