Внимавајте со багажот
» По правило секој од нас во кабината и/или багажникот носи едно чудо непотребни работи. Кога пак патуваме на одмор секое можно ќоше од автомобилот го користиме да земеме уште нешто со нас што можеби ќе ни притреба. Така товарени со куфери и торби од сите видови и големини, спортска и рекреативна опрема, можеби и со ладилник за пијалаци а сигурно со многу шишиња со течности низ внатрешноста на автомобилот тргнуваме на долг пат на кој се среќаваме со секакви ризици. Еден од нив се токму стварите во кабината и багажникот на караван возилата кој не е издвоен од патничкиот простор, кои веќе при судар со брзини над 50 km/h стануваат смртоносни проектили.
Германскиот ADAC тоа го докажа со краш тестови на кои заради инерцијалните сили при судар сите неприцврстени предмети во возилото летаат со голема брзина напред. Посебно опасни се чадорите за сонце, скиите, стаповите за скијање или пешачење и сите други метални предмети. Истовремено стручњаците на ADAC предупредуваат и дека посебно е опасно ако совозачот се истегне и ги дигне нозете на арматурната табла, што значително ги зголемува ризиците од повреда. За да тие се минимизираат, тие советуваат тешките и тврди предмети да се ставаат на дното на багажникот и задолжително да бидат прицврстени, наслоните на задните седишта да се преклопуваат само ако е сосема неопходно, а острите предмети никако да не се оставаат така туку да се замотаат со ткаенина или стават во меки торби или заштитни кутии.