Tags: , , ,
Го возевме автомобилот на годината во Македонија

Двојна реинкарнација

» Кога лани летото Citroen го претстави новиот C4, вљубениците на француската марка беа одушевени, а другите збунети. Од претходните најави се знаеше дека ќе доживее големи промени во однос на претходниот, но сепак нивниот обем изненади. Двете години пауза меѓу генерациите беа целосно искористени за овој компакт да се подготви за наново лансирање – овој пат на средината меѓу класичната хечбек и трендовската SUV понуда.

Citroen C4 порасна во сите димензии – во должина за 3, широчина за 4,5 и височина за 3,5 сантиметри, а меѓуоскиното растојание му се зголеми за цели 6 сантиметри. Дизајнерите го искористија тоа да му подарат мускулесто груби линии кои се далеку од вселенски флуидните или пак семејно меките облини на претходните генерации, со кои не наликува на ниту еден друг модел од гамата на марката. Дизајнерската слобода резултираше со провокативен изглед во кој погледот не знае на што прво да се закова. Радикалната трансформација започнува со предниот дел каде горниот пар светла визуелно е интегриран во горните краеви на тенката маска која токму пред нив накосо и надолу се раздвојува за ги опфати и главните светла, формирајќи на тој начин облик на буквата X позајмен од концептите на марката. Погледот на силуетата открива изразена купеовска линија на покривот која завршува со закосеното задно стакло кое се протега сé до атрактивниот спојлер, сето заокружено со големи тркала и силно нагласени крила над нив. X-темата е пренесена и на задниот дел за кој најкраткиот коментар би бил дека остава без коментар.

Иако – ајде така да го кажеме – исклучително интересниот и необичен изглед е тоа што прво се забележува кај новиот Citroen C4, измените не завршуваат со него. Напротив, со еднаква, па дури и поголема сеопфатност тие продолжуваат во внатрешноста. Тука сé е поинаку, и од аспект на изгледот, и во квалитетот на материјалите, и во интегрираните технологии. Дигиталната револуција ја предводи централниот екран чувствителен на допир преку кој се управува со поголем дел од функциите на автомобилот, но за секоја пофалба е што клима уредот може да се контролира и преку класични копчиња. „Исчистена“ е и централната конзола на која веќе нема рачки, барем кај верзијата со автоматска трансмисија. Возачот ќе му се радува и на помалиот по обем управувач кој одлично лежи во рацете, но за кој треба кратко време за привикнување. За жал, заради тоа настрада големината на дигиталната инструмент табла која се наоѓа зад него – таа иако доволно прегледна, едноставно е премала. Можеби Citroen треба да размисли на поконзервативно настроените возачи да им понуди избор од малку поголем управувач и секако поголема дигитална инструмент табла.

 

Затоа пак забелешки на седењето ќе нема никој благодарение на Advanced Comfort седиштата. Во комбинација со ослонувањето со прогресивни хидраулични перничиња тие гарантираат врвна удобност која сепак не може целосно да се спротивстави на ударните дупки на нашите патишта. Но тоа од автомобил од оваа класа не се ни очекува. Она што се очекува и се добива се бројните безбедносни системи за помош на возачот. Ги има дваесет и што исто така е битно, одлично се калибрирани, дури и секогаш иритирачкиот систем за задржување на лентата на возење кој без вклучен трепкач суптилно го враќа управувачот назад. Кога сме веќе кај возењето, да кажеме и дека задоволството малку го нарушува бучавата на ветрот на брзини над автопатски дозволените. Но ако се вози во рамките на законот, посебно со пуштено радио, тоа не се толку чувствува. Автомобилот што го возевме имаше зимски пневматици кои исто на поголеми брзини, но и кога се вози со помали брзини на оштетен коловоз, знаеја да ги нарушат возните својства. Ништо драматично, но помалку искусните возачи ова ќе го доживеат како лоша страна на автомобилот, а не како цена која без коментар мора да ја платат за својата зимска безбедност.

За другото нема што да приговара бидејќи тест-моделот беше опремен со 1,5 литарски BlueHDi дизел со 131 коњска сила и 8-степен автоматски менувач. Вистина е дека ваква комбинација ретко кому кај нас ќе му треба, заради што и нема да ја коментираме неговата цена, туку ќе кажеме дека понудата на C4 во Македонија започнува од сосема пристојни 15.990 евра. За тие пари се добива трицилиндричен 1,2 литарски турбо бензинец со 102 коњи, 6-степен мануелен менувач и Live Pack ниво на опременост. Што содржи, ќе ви објаснат во Автонова од Скопје, кој е ексклузивен увозник на Citroen за Македонија, Србија, Црна Гора, Косово и Албанија. Изборот мотори уште се состои од истиот PureTech агрегат со 131 и 155 KS, а за љубителите на дизелот и со 110-коњска варијанта на моторот што го пробавме. Тие се комбинираат со уште три пакети на опременост, со што се добиваат солиден број варијации за сечии желби и потреби – останува уште да пристигне и електричната верзија на C4 која со својата автономија од 350 километри сигурно ќе испровоцира значителен број заинтересирани за неа, и покрај цената која сигурно нема да биде провокативна.

Што уште да се каже за новиот C4? Што и да се каже малку ќе биде, затоа ќе препуштиме на купувачите сами да го откријат неговиот уникатен идентитет кој му ја донесе годинешната титула „Автомобил на годината“ во Македонија.

технички податоци Citroеn C4 BlueHDi 130
мотор дизел, четири цилиндри во линија, сместен напред попречно
работна зафатнина 1.499 cm³
пречник и од 75 × 84,8 mm
напојување турбо компресор, Common rail директно вбризгување, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар
максимална силина 131 KS (96 kW) @ 3.750 min⁻¹
максимален вртежен момент 300 Nm @ 1.750 min⁻¹
трансмисија автоматски менувач со 8 степени, погон на предните тркала
ослонување напред мекферсон, попречни рамења, стабилизатор; назад полукрута оска, спирални пружини, стабилизатор
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ESP
тркала 195/60 R18
должина × широчина × височина 4.360 x 1.800 x 1.525 mm
меѓуоскино растојание 2.670 mm
траги на тркалата напред/назад 1.545/1.545 mm
пречник на вртење 10,9 m
тежина 1.324 kg
максимална тежина 1.795 kg
приколка со/без сопирачки 1.200/690 kg
багажник 380/1.250 dm³
резервоар 50 l
максимална брзина 206 km/h
забрзување од 0-100 km/h 9,5 секунди
еколошки норми Euro 6d
комбинирана потрошувачка (WLTP) 4,5-4,7 l/100km
емисија на CO₂ 118-122 g/km
цена 21.990 евра со Feel ниво на опременост, +2.200 евра за Feel Pack, +3.300 за Shine

фото галерија, 105 фотографии

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *