Монструм со 1.111 KS
» Кога Mercedes во 2015 година го претстави AMG GT, тој располагаше со 462 коњски сили. Во меѓувреме следеа низа подобрувања и нови верзии, за лани гамата да биде крунисана со Black Series топ варијантата со 730 KS. Но, бидејќи има и такви на кои и ова им е малку, тјунерската работилница Opus Automotive порано позната како Renntech Europe го засили 4,0 литарскиот битурбо V8 на 1.111 KS. Тоа е постигнато со модифицирани турбокомпресори, ковани клипови, засилени клипници и прилагоден систем за вбризгување на горивото. Вграден е и потполно нов спортски издувен систем на кој заради исполнување на законските норми со електронски контролирани вентили може да му се придуши звукот. Модифициран е и седумстепениот менувач со две спојки за да може да се носи со енормната силина, а за нејзино оптимално искористување и долговечност на погонскиот склоп се ограничува вртежниот момент кој се испраќа на задната оска. Колкав е, од Opus не објавуваат, ниту пак ја кажуваат цената на овој монструм за кој ќе започнат да примаат нарачки од јуни. За помалку изискувачките ќе се нудат верзии на AMG GT и со 1.001, 920 и 825 KS.