Lamborghini заплови и по морските води
» Најскапиот (или можеби и не е?!) Lamborghini беше претставен лани летото, но сега дојде моментот кога првите негови купувачи ќе се радуваат, иако ќе треба да почекаат барем уште некој месец задоволството да им биде комплетно. Да не должиме премногу – не се работи за суперспортист со многу коњски сили способен да постигне многу километри на час, туку за луксузен глисер, исто со многу коњски сили и исто способен за многу километри на час ама на вода. Ознаката му е Tecnomar for Lamborghini 63 заради неговата должина од 63 стапки (19,2 метри) но и како асоцијација на годината ’63-та кога италијанската марка спортски автомобили е основана, а ќе можат да го купат само одбрани среќници со доволно длабок џеб и дебели врски со производителот The Italian Sea Group.
Колку и да се такви, ќе можат да уживаат во сé што ова врвно ремек-дело на наутиката ќе им го овозможи, базирано на погонската група сочинета од два MAN V12 дизел мотори секој со по 2.000 KS, кои и покрај тежината од 24 тона ќе му овозможат максимум од дури 60 наутички милји на час, односно 111 километри на час. Како што доликува на нешто на кое потпис става Lamborghini, употребата на напредните технологии е изразена – од јагленородните влакна до аеродинамиката. За стилот и квалитетот на останатите компоненти ќе биде излишен секој муабет.