Tags: , , , ,
Британска легенда Made in Франција

Глобализација на пост-брегзит начин

» Своевремено, британскиот милијардер Сир Џејмс Ретклиф се обиде од Land Rover да ги откупи правата за производство на стариот Defender, ама тоа не му успеа. Но тој сепак не се откажа од замислата и состави тим што го разви овој теренец кој многу личи на него, но тоа не е. Наречен е Ineos Grenadier и нема ништо заедничко со него – без оглед на очигледната сличност, тој е самостојно развиено возило. Требаше да се произведува во нова фабрика во Јужен Велс во која ќе се инвестираа 800 милиони фунти, а каросеријата и шасијата ќе доаѓаа од Португалија.

Но се случи што се случи и Сир Џејмс Ретклиф откако се пресели во Монако да не ги плаќа високите британски даночни давачки, се договори со Daimler и ја купи фабриката во францускиот град Хамбах која се наоѓа на самата граница со Германија и каде од 1997 година се произведува(ше) Smart. Така сега Ineos Grenadier ќе биде Land Rover од новата генерација кој ќе доаѓа од Франција. Засега нема многу технички детали за него – се споменуваат петвратна и пикап каросерија поставени на крута шасија, 3,0 литарски BMW бензински и дизел мотори, осумстепен ZF менувач, централен диференцијал кој ќе може да се блокира… Плановите на компанијата се во наредниот период кој веќе се троши со флота тест возила направени во соработка со Magna Steyr да се поминат 1,8 милиони километри, па дури после да кажат кога би започнала продажбата.

Што се однесува до фабриката на Smart што Daimler откако се донесе одлуката производството на малиот градски автомобил да се пресели во Кина и во која првобитно планираше да го произведува претстојниот EQA му ја продаде, без 1.600-те.вработени, секако, таа е во добра кондиција бидејќи пред две години доста се инвестираше во неа за да се подготви за производство на електрични возила што ја направи атрактивна за купувачите од Далечниот Исток со амбициозни планови, а во овој случај и на оние од другата страна на Ламанш.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *