» , , ,
Audi Q4 Sportback e-Tron

Уште еден Audi на струја

» Audi сé уште го нема моделот Q4 во гамата, но затоа ќе го има на струја, и тоа во две верзии. Појавувањето на овој модел навидум личи на логично продолжение на e-Tron низата, но всушност е ново поле на кое Audi ќе се испроба. Нам посебно ни изгледа интересна неговата Sportback изведба, чија ознака како што знаеме, според номенклатурата на Audi значи дека овој модел се разликува по задниот дел. Тоа го потврдува и сличноста однапред која покажува дека се работи за едно возило во две изведби. Q4 Sportback се истакнува со забележливата затворена маска и за нијанса различно изведениот браник. Внатрешноста, нормално, е дигитална, облагородена со алкантара, засечен управувач и сјајни црни детали.

И двете возила се поставени на Volkswagen-овата MEB платформа за електрични возила – токму тоа е она ново поле што го споменавме. Ги задвижуваат два електромотора со вкупно 306 KS, погонот е на сите четири тркала, а батериите се од 82 kWh. Забрзувањето од 0 до 100 km/h изнесува 6,3 секунди, максимална брзина е ограничена на 180 km/h, а со едно полнење ќе може да се поминат околу 450 km.  Се споменува и варијанта со еден електромотор кој би ги задвижувал само задните тркала, со автономија од 500 km.

Q4 e-Tron и Q4 Sportback e-Tron ќе се произведуваат во Volkswagen-овата фабрика во Цвикау, Германија. VW инвестираше вкупно 1,2 милијарди евра со цел во неа да се произведуваат 330.000 електрични возила годишно. За далекуисточните пазари веројатно е овие два кросовера да излегуваат и од новата фабрика на SAIC во близината на Шангај, која има капацитет за производство на 300.000 електрични возила. Сериската верзија на Q4 чие производство веќе е започнато, треба да се појави идниот месец, додека на неговата Sportback верзија уште ќе почекаме.

Испрати коментар

Вашата е-мајл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *