Исправена неправда
» Lada Niva нема повеќе да се вика Lada 4×4 – легендарниот руски теренец си го врати името, со додавката Legend за да се разликува од свежо претставената Niva Travel. Целата оваа забуна околу името Niva настана одамна, кога AvtoVAZ и General Motors се обидоа да ѝ најдат замена. Развиениот од Русите, дизајниран од Американците и заеднички произведуван теренец го носеше името Chevrolet Niva, кое AvtoVAZ го отстапи во име на соработката. Цената ја плати оригиналната Lada Niva, која беше прекрстена во Lada 4×4. Откако Американците се повлекоа од заедничката компанија, а AvtoVAZ ги поврати правата за името, работите полека почнаа да се насочуваат кон вистинскиот колосек. Најпрво Chevrolet Niva стана Lada Niva, за потоа со редизајнот да се нарече Lada Niva Travel, за сега и Lada 4×4 да го смени името во Niva Legend.
Освен името, друго ништо не е сменето кај легендарниот теренец, кој лани на почетокот на годината беше благо обновен. Или скоро ништо, бидејќи Русите споменуваат само подобрена звучна изолација.