Универзалецот во ново руво
» Додека се чека на премиерата на обновената верзија на Lada Largus која според некои претходни информации треба да се одржи во јануари, Русите ја објавија првата и засега една единствена официјална фотографија, и тоа од Cross верзијата. На неа се гледаат сите фејслифтинг зафати на предниот дел, кој по углед на Vesta е изменет со нови маска, светла и браник, дотерана хауба и крила, а се забележуваат и поголеми ретровизори со вградени трепкачи. Протеренската Cross изведба се одликува со поатрактивен екстериер со црни заштитни елементи, сребрени инсерти на браниците, кровни носачи, црни столбови и зголемен клиренс, како и со побогата опрема. Таа ќе биде подобрена и во стандардните верзии на Largus, кој всушност е руска варијанта на првата генерација на Dacia Logan MCV. Информации за евентуални промени во гамата мотори нема – сега Largus се нуди со два 1,6 литарски бензински агрегати со 87 и 106 KS.
АвтоВАЗ планира до 2026 година да претстави десет нови и обновени модели.