Само за некои далечни пазари
» Додека во Европа се позиционира над останатите големосериски производители, Honda за другите пазари има модели наменети за пошироките народни маси. Еден од нив е City, кој во основа е седан верзија на Jazz. Живее таму некаде веќе пет генерации, од кои најновата сега е понудена и во хечбек верзија. Но, колку и да е интересен овој автомобил, никогаш нема да го видиме тука, на овие простори.
Дизајнот му е модерен и сосема привлечен, како однадвор така и одвнатре. Не е лоша ни опременоста, а вистинската слика се добива кога ќе дознаете дека е долг 4.349 mm, што е повеќе од VW Golf. И меѓуоскиното растојание му е подолго, а магичните задни седишта обезбедуваат повеќе простор за нозете на патниците. Во понуда е со еднолитарски трицилиндричен турбо мотор со 122 KS и CVT менувач.