Tags: , ,
Од денес зимската опрема задолжителна

Зимата за возачите дојде, не чекаше снег

» Според нашите законски прописи, зимата за возачите започнува на 15 ноември и трае сé до 15 март, без разлика на временските услови и температури. Затоа министерството за внатрешни работи потсетува дека во овој период сите возачи задолжително во своите возила треба да поседуваат пропишана зимска опрема. Согласно прописите, како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 kg се подразбираат зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од четири милиметри или пак пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со минимум од исто најмалку 4 mm, но само ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Како зимска опрема за моторните возила со погон на сите четири тркала (4×4) се подразбираат зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 mm или пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со минимум од најмалку 4 mm ако возилото во приборот поседува синџири за снег, во случај ако имаат постојан погон најмалку за задната оска, а во случај на преклоплив погон најмалку на постојано вклучената оска.

Како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 kg се подразбираат зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 mm или пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина со минимум 4 mm ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала. Автобусите и товарните моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.

Според законот, зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака MS, M+S, M&S и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Во согласност со важечкиот правилник за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување на пневматици со клинци. Полициските службеници имаат право да го исклучат возилото од сообраќај ако условите на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот ако тоа ја нема или не му е поставена задолжителната зимска опрема. Казната за непочитување на прописите во поглед на зимската опрема во Македонија изнесува 45 евра во денарска противвредност, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бодови.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *