Северната ѕвезда не може да свети во Франција
» Бидејќи премногу личи на логоата на Citroen и посебно на DS, француските судови привремено го забранија користењето на логото на Polestar, со што ја спречија продажбата на нивните возила во оваа земја. Овој производител кој е во состав на Volvo Cars групата и во заедничка сопственост со Geely, настапува како засебна марка специјализирана за високоперформанси електрифицирани автомобили веќе три години. PSA групата уште тогаш реагираше до Швеѓаните за сличноста на логото, но овие станаа глуви на нивните барања. Французите потоа се обратија до европскиот завод за интелектуална сопственост, но не успеаја да ја докажат сличноста. Следеше префрлањето на битката за „своето“ на домашен терен, каде француските судови го делат мислењето со нив дека двата шеврона, иако поинаку аранжирани, наликуваат на 101-годишниот амблем на Citroen со што купувачите можат да се доведат во заблуда дека постои економска поврзаност меѓу двете марки. Тоа значеше забрана за користење на логото која автоматски резултираше со неможност Polestar да продава во Франција, а плус на тоа мора да му плати отштета на Citroen во висина од 150.000 евра (што претставува 0,05% од годишните маркетиншки трошоци на марката во Франција) и уште 70.000 евра за судски трошоци.
Оваа забрана се однесува само на Франција каде Polestar воопшто не е присутен, ниту пак планира наскоро да настапи. Французите исто така не можат ни да ја отворат нивната веб-страница. Судот сепак остави можност двете компании да се договорат бидејќи забраната е привремена, на само 6 месеци. Во овој момент марката има два модела – плаг-ин хибридниот Polestar 1 и електричниот Polestar 2, a во подготовка е и трет кој ќе произлезе од концептот Precept.