Најбрзиот германски автомобил на своето време
» Значењето на 911 Carrera RS 2.7 е единствено – тој на своето време беше најбрзиот автомобил од германско производство и првиот модел кој го лансираше трендот на поставување задни спојлери на сериските возила. Кога започна неговиот развој Porsche имаше намера овој модел да биде лесен и брз спортски автомобил наменет за трки. Но иако изведен од стандардниот 911, тој беше возило кое го карактеризираа многу технички иновации. Беше гордост на асортиманот на Porsche и инженерите интензивно работеа на сé на него – тежината, аеродинамиката, моторот, шасијата… Ќе остане запаметен и по тоа што беше прв 911 кој го понесе називот Carrera.
Porsche првобитно планираше да направи 500 примероци колку што беа потребни за хомологацијата за GT автомобилите од групата 4. Новиот модел беше претставен на салонот на автомобилите во Париз на 5 октомври 1972 година, а веќе до крајот на ноември сите возила беа распродадени. Porsche беше изненаден со успехот и продолжи да го произведува – до јули1973-тата беа направени вкупно 1.580 примероци со што се стекна со хомологација и за групата 3. Од нив 1.308 беа од Touring варијантата, 217 од Sport верзијата која имаше мала тежина и 55 примероци од тркачката изведба.
Внатрешноста на олеснетата 911 Carrera RS 2.7 (M471, односно Sport) беше сведена на основното, во согласност со барањата на клиентите кои сакаа и да настапуваат на трки. Меѓу другото, од неа беа исфрлени задните седишта, патосниците, часовникот, наслоните за раце и слични детали. На барање место стандардните се монтираа две школкасти спортски седишта со мала тежина. Овој автомобил во споредба со Touring (M472) моделот беше за 115 килограми полесен, достигнувајќи тежина од 960 kg.
Шестцилиндричниот 2,7 литарски боксер мотор со директно вбризгување на горивото произведуваше моќни 210 KS при 6.300 вртежи во минута и 255 Nm при 5.100 вртежи. Тој овозможуваше Sport верзијата да постигне забрзување од 0 до 100 km/h за 5,8 секунди и најголема брзина од 245 km/h додека Touring беше за половина секунда и пет километри на час побавен. Така, 911 Carrera RS 2.7 покрај што лесно се контролираше, беше идеална синтеза на тежината, перформансите и аеродинамиката.
Кај шасијата сé се вртеше околу намалувањето на вкупната тежина. Лимот беше потенок, стаклата исто така, а пластичните делови и елиминацијата на изолација помогнаа тежината на тркачките автомобили да се спушти под 900 kg. Истовремено беше подобрена и аеродинамиката. Целта беше подигнувањето на предната и задна оска при големи брзини да се сведе на минимум за да се постигне што е можно понеутрално управување. Развиен е заден спојлер кој е тестиран во аеродинамичен тунел и на патека. Со него струењето на воздухот го спушташе автомобилот при поголеми брзини и го снабдуваше моторот со дополнителни количини воздух за ладење и тоа без никакво зголемување на отпорот на воздух. Тоа беше постигнато со макотрпна работа – при првичните тестирања беше утврдено дека со повисок спојлер се зголемуваше и максималната брзина заради што со помош на бројни проби со негова различна височина беа утврдени оптималните негови димензии кои на крај резултира со зголемување на брзината за 4,5 km/h.
Но тоа не беше сé – како Porsche веќе имаше тркачко искуство со пошироки задни тркала, инженерите го испробаа и тоа. Логиката беше јасна – поголем дел од тежината отпаѓаше на задната оска и со пошироките пневматици се подобруваа тракцијата и стабилноста. Така за прв пат некој сериски модел на Porsche имаше тркала со различни димензии напред и назад – 185/70 VR 15 односно 215/60 VR 15. За да ги вклопат, инженерите ја проширија каросеријата за 42 mm на задниот дел.
Резултатите на трките беа фасцинантни и ги удрија темелите на успехот на 911 во децениите што следеа.