Tags: , ,
Lancia Aurelia (1950-1958) – фото галерија

Дијамант на четири тркала

» Во втората половина на четириесеттите години, кога Италија како и цела Европа се бореше со сеништата на втората светска војна и огромните политички и социјални превирања настанати како последица на годините разрушување и диктатура, Lancia веќе се имаше изборено со своите проблеми и го планираше враќањето на заслуженото место во автомобилскиот свет како еден од технички најнапредните производители. Меѓу другото, најсилен акцент беше ставен на развојот на V6 моторот кој стана прв сериски произведуван агрегат со ваква конструкција во светот.

Екстремно напреден за тоа време, со блок, глави и клипови од лесна алуминиумска легура, овој мотор заслужуваше и соодветен автомобил во кој ќе се вградува. Желбата за техничка перфекција и уникатност на новиот модел му подарија уште и независно ослонување на сите тркала, менувач сместен кај задната оска за подобар баланс, сопирачки прицврстени на внатрешната страна на полуоските, радијални пневматици и друго. Сето тоа беше обвиткано со складна каросерија обликувана како гран-турер, што всушност значеше и зачеток на оваа класа возила.

Така, во 1950 година кога никој не очекуваше дека од Апенинскиот полуостров тогаш може да дојде автомобил кој маѓепсува и остава без здив, беше претставена новата Aurelia која со своите технички решенија и чистата убавина претставуваше ремек-дело на тркала без оглед од кој аспект се посматра, успевајќи на најдобар начин да покаже дека ниту најлошото што може да му се случи на човештвото не може да го уништи италијанскиот дух кога автомобилите се во прашање. И покрај високата цена детерминирана од исклучително комплицираното производство, фабрика моментално беше затрупана со нарачки бидејќи категоријата купувачи на овој модел беше јасно одредена – богатите европски индустријалци, ситуираните плејбои, преостанатата аристократија…

Но место добро да заработи, докажувајќи ја својата техничка и инженерска надмоќ Lancia постојано ја усовршуваше Aurelia унапредувајќи ја секоја нејзина наредна серија со низа иновации. Моторот на пример од првичните 1,8 литри нарасна на 2,0, па на 2,3 и 2,5 литри, а со текот на годините овој автомобилски бисер беше понуден во повеќе различни изведби – лимузина со нормално и продолжено меѓуоскино растојание за 7 патници, купе и две отворени верзии, спајдер и кабриолет. Посебно интересно беше производството на шасии наменети за италијанските каросерници од чии погони излегоа прекрасни и денес бесценети примероци.

Продукцијата на Aurelia која траеше до 1958 година се состоеше од шест серии и вкупно 17 различни варијанти. Беа произведени 18.201 возила.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *