Автомобилот кој ја предвиде иднината и господареше во својата ера
» На 13 април 1930-та година, малку после 5 часот наутро, тивката околина на езерото Гарда во северна Италија ја параше бучавата на Alfa Romeo 6C 1750 Gran Sport Spider Zagato кој возеше 150 километри на час со изгасени светла. Ќе се прашате зошто. Зад воланот на автомобилот кој учествуваше на трката Илјада милји беше летечкиот човек од Мантова Тацио Нуволари, покрај него главниот тест возач на Alfa Romeo Џан Батиста Гвидоти, додека пред нив беше Ахиле Варзи. Меѓутоа, во Верона, на неколку километри пред езерото, Нуволари и Гвидоти дојдоа до неверојатна идеја – да ги исклучат светлата. Нивната единствена надеж беше дека за да го поминат ривалот мора да го изненадат. Така, непосредно пред зората, во мирните предели на природата после езерото, додека релаксирано возеа кон Бреша каде беше целта, Варзи и неговиот втор возач Канавеси ги сепна татнежот на моќниот шестцилиндричен мотор. Предоцна, бидејќи додека сфатија што се случува, ги престигна автомобил идентичен на нивниот.
Нуволари победи со рекордна на оваа легендарна трка просечна брзина од 100,45 km/h со која воедно и прв пат се постигна троцифрена бројка, што како вест осамна на насловните страници ширум Европа. Запрепастениот Варзи стигна единаесет минути подоцна, трет беше Џузепе Кампари, а четврти Пјетро Герси. Тие беа различни во начинот на возење но имаа една заедничка работа – сите се натпреварува со ист автомобил, Alfa Romeo 6C 1750. И не беа единствени – всушност осуммина од првите единаесет се тркаа токму со овој автомобил. Дека не се работи за случајност потврди и апсолутната надмоќ на 6C 1750 на уште неколку настани таа година, меѓу кои и трите најдобри пласмани на 24-часовната трки во Спа во Белгија во јули и месец дена подоцна на трката во Белфаст организирана од британскиот кралски автомобилски клуб. Едноставно, беше најбрз автомобил на својата ера.
Моделот 6C беше прва креација на Виторио Јано кој ја презеде грижата за планирање на производите на Alfa Romeo во 1923 година. Негова прва задача беше да конструира лесен автомобил со брилијантни перформанси кој ќе победува на трките и ќе ги плени срцата на обожавателите, но и освојува нови пазари. Ги комбинираше структурната едноставност со софистицираниот инженеринг, но понуди и нешто друго што се испостави дека станува карактерна особина на марката – исклучително голема специфична сила. Јано имаше воодушевувачка способност да извлече дополнителни коњски сили, што му овозможуваше да го реализира она што ќе го замислеше со мотори со помала работна зафатнина. Затоа и уште тогаш моделите на Alfa Romeo можеа да се пофалат со најдобар сооднос на тежината и силата, а со самото тоа беа и најбрзи. Ваквите технолошки иновации доведоа до серија автомобили кои станаа легендарни, за што добра основа имаа во моторот со две брегасти оски во главата, четири вентили и две свеќички по цилиндар од 1914-тата, чиј развој беше прекинат заради првата светска војна.
Првиот модел од 6C серијата претставен 1925-тата кој започна да се произведува две години подоцна имаше шестцилиндричен мотор од каде е и ознаката 6C, дополнета со бројките 1500 што ја означуваа неговата зафатнина. Еволуираше брзо и често и благодарејќи на техничките иновации од почетните 44 силата му нарасна на 84 коњи. Но за успехот на тркачките патеки придонесоа не само перформансите на моторот туку и управувањето и стабилноста на автомобилот при брзо возење кои станаа клучни елементи на марката. Нив ги наследи и 6C 1750 претставен во јануари 1929 година, за кој слободно може да кажеме дека ја оствари полната зрелост на техничката формула карактеристична за целата серија. Моторот кој беше еволуција на претходниот се правеше во различни верзии – со една и две брегасти оски, единечен и двоен карбуратор, со и без компресор… Неговата сила се движеше во распон од 46 до 102 коњски сили, од кој најмоќната имаше една посебност – главата и блокот беа излеани во едно парче за да се намали ризикот од топлинските оптоварувања. Во комбинација со тежината на возилото од само 840 kg, максималната брзина достигнуваше 170 km/h.
Но, моторот не беше единствениот фактор што направи 6C 1750 да биде врв на автомобилските иновации. Тој користеше механички систем за сопирање со големи барабани задвижувани со преносен систем, неговата шасија од пресуван челик беше совршено избалансирана и извонредно цврста, имаше засилени оски, а листаните пружини беа поставени надвор од каросеријата на автомобилот а не под бочните носачи. Ниското тежиште значително ја подобруваше стабилноста во возење низ свиоци, а резервоарот за гориво беше поместен наназад за да се обезбеди поголема тежина на задните тркала и подобри балансот на возилото. Во согласност со филозофијата на марката сите иновативни решенија беа применети и на тркачките и на обичните автомобили.
На колку што повеќе трки победуваше, повеќе растеше фантастичната техничка репутација на овој модел. Веднаш по неговото претставување Alfa Romeo забележа значителен пораст на продажбата – од 1929 до 1933 година од фабриката во Портељо излегоа 2.579 примероци кои освен во Италија најдоа купувачи и во странство, посебно во Велика Британија и земјите на Комонвелтот. Тоа беше исклучителен резултат, имајќи го посебно предвид статусот на автомобилот како елитен производ – во Италија чинеше отприлика колку седумгодишна просечна заработувачка. Заслуга за пазарниот успех имаа и каросеристите, оние кои беа задолжени да го направат убав, мајсторите од повеќе занаетчиски вештини – лимарите, тапетарите седларите…. Имено, во тоа време беше вообичаено автомобилите да ги напуштаат погоните на производителите само како гола шасија опремена со комплетна механика – мотор, менувач и оски, но без каросерија и ентериер. Тоа го правеа посебни работилници кои како креатори беа своевидни уметници и стилисти кои оставаа своја трага во таа ера. Првото каросериско одделение на Alfa Romeo беше покренато дури 1933-тата, а дотогаш автомобилите (всушност нивните шасии) се продаваа директно на купувачите или пак на производителите на каросерии.
А извонредната механичка и инженерска основа на 6C 1750 нудеше исклучителни можности кои мајсторите на својот занает ги преточија во некои од најелегантните автомобили било кога направени. Често дизајнирани од страна на најдобрите италијански стилисти тие беа уникатни и направени по желба на своите купувачи, меѓу кои и бројни познати личности. На пример 6C 1750 GS Touring Flying Star беше неодолив како и неговата сопственичка, моделот и припадничката на високото општество, милионерката Жозет Позо. Осмислен посебно за натпреварот на елеганцијата во Вила д’Есте 1931 година, беше направен од компанијата Carrozzeria Touring. Овој спајдер беше уникатна креација, скапоцен камен на оригиналноста, елеганцијата и посветеноста на деталите. Беше потполно бел, вклучувајќи ги и подвозјето, тркалата, управувачот и седиштата – единствен исклучок беше црната инструмент табла, како контраст. Carrozzeria Touring му подари и нови пропорции и серија елегантни естетски детали како што се спуштените предни и задни прагови кои се шират од блатобраните и преплетуваат под вратите без да се допираат. Резултатот беше очекуван – на парадата на елеганцијата во Вила д’Есте го освои златниот пехар за најубав автомобил.