Важен модел за марката од низа причини
» Претпоследната генерација на Rekord со самото доаѓање на пазарот веднаш се најде на жежок терен бидејќи нејзиниот претходник со своите повеќе од 1,2 милиони продадени примероци беше гледан како референтен претставник на успехот на Opel. Поинаку не ни можеше да биде бидејќи Rekord C со остварената бројка сочинуваше ⅛ од сите произведени возила на марката во нејзиното дотогашно 70-годишно постоење. Затоа не смееше да се промаши со новата генерација која понекогаш, посебно на почетокот, за да се избегне забуна со D како дизел, беше означувана и како Rekord II. Се нудеше како класична лимузина со две или четири врати, купе и караван со три или пет врати, само со бензински мотори. Помалиот имаше 1,7 литри и доаѓаше во две верзии, со 66 и 83 KS, а поголемиот од 1,9 литри располагаше со 97 KS. Но во 1972-рата буквата D беше добредојдена во ознаката на Rekord бидејќи Opel го понуди со дизел мотор – 2,1 литарски со 60 KS кој трошеше во просек 8,7 литри гориво на 100 километри и овозможуваше најголема брзина од 135 km/h. Овој прв дизел автомобил на Opel беше препознатлив по испакнувањето на хаубата бидејќи моторот беше повисок од бензинците. Моторизацијата не застана тука – се појавија и шестцилиндрични верзии кои ја носеа ознаката Commodore B. Ги имаше повеќе – со 2,5 литри со 115 и 130 KS, 2,8 литри со 142 KS и топ верзијата со електронско вбризгување на горивото и 160 KS која можеше да се пофали со импресивни бројки – лимузината постигнуваше 195 а купето 200 km/h.
Успехот не изостана – за пет ипол години колку се произведуваше, Opel Rekord D стигна до 1.128.196 а Commodore B до 140.827 купувачи.