Предвремен експеримент
» Експериментирајќи со различни технички решенија, инженерите на Ferrari во 1987 година го конструираа првиот модел на марката со погон на сите четири тркала. Возилото е означено како 408 4RM, каде 40 е за 4,0 литарскиот мотор, 8 за цилиндрите а 4RM е кратенка од 4 Ruote Motrici, односно погон на 4 тркала. Направени се два прототипа – црвениот има челична монокок конструкција, а жолтиот алуминиумска структура чии елементи се споени со лепење. Моторот сместен централно е модификација на 3,2 литарскиот V8 од 328, од чиј зголемен работен волумен се извлечени максимални 300 KS. Самиот систем за пренос на силата на сите четири тркала е иновативен, хидрауличен и комплициран, што најверојатно е и причината зошто овој модел не го најде патот до сериското производство и покрај значајниот интерес што го покажаа стручните медиуми. Судбината на црвениот прототип не е позната, а жолтиот се наоѓа во музејот на Ferrari.