Tags: ,
Shelby Cobra

Славно име со тркачко педигре

» Уште од дебитирањето на Cobra во раните шеесетти години, стана јасно дека на тркачката сцена повеќе ништо нема да биде исто. Конкурентите како што беа Ferrari, Maserati и Jaguar и многубројните ентузијасти секојпат остануваа зачудени кога ќе го видеа родстерот како прв поминува под карираното знаме на целта, прашувајќи се како ли му успева. Човекот кој го создаде овој исклучителен автомобил е Керол Шелби. Своите први тркачки искуства ги стекна уште млад, возејќи аматерски драг-трки на напуштени аеродроми. Во 1952 година станува професионален возач чија силна репутација ја стекна со многу исклучителни победи, меѓу кои и онаа на 24 часа Ле Ман. Стекнувајќи статус на жива легенда во 1960-та го шокираше светот со повлекувањето од професионалните автомобилски трки на што беше принуден заради проблеми со срцето.

Но, не можеше без мирисот на октаните. Се пресели во јужна Калифорнија каде основа школа за спортско возење, една од првите во светот. Привлекува бројна клиентела која му донесува сериозни финансиски средства, со што кај него се раѓа идејата да создавање спортски автомобил под своето име. Есента 1961 година се обраќа на британскиот производител AC со барање да му ја модификуваат шасијата на шестцилиндричниот модел Ace за во него тој да вгради моќен американски V8 мотор. Британците кои токму во тоа време останаа без добавувач за мотори, се согласија. Шелби се обраќа до Chevrolet со барање за испорака на мотори, ама овие го одбиваат. Затоа пак наиде на разбирање во Ford, кој ќе му ги отстапи со минимален надомест под услов на секој автомобил да биде означено дека е задвижуван со нивни мотор. После модификациите и тестирањата Британците со авион му го испратија возилото што тој го бараше, а на нестрпливиот Шелби и неговиот тим им требаа помалку од осум часа да го сместат моторот во него.

Така се роди Cobra, за чие име се раскажува дека му се јавило на Шелби на сон. Со AC беше договорено заедничко производство – тие да испорачуваат алуминиумски каросерии во Калифорнија, каде во новооснованата компанија Shelby American ќе се монтираат моторите и менувачите. Првите возила имаа 4,3 литарски, а подоцнежните 4,7 литарски мотори, или, во американски мерки изразено, 260 односно 289 кубни инчи. Официјалните тестирања ветуваа, а новинарите беа одушевени – овој британско-американски хибрид беше првиот автомобил кој ги обедини агресивниот изглед и  одличното лежење на патот карактеристични за европските автомобили и бруталната сила резервирана за американските тркачи. Шелби го знаеше тоа, но му требаше активно учествување на спортските натпревари што беше важно за промоцијата на новиот автомобил. А на нив, пак, Cobra беше незапирлива – нејзините 271 KS ја дотеруваа до 247 km/h, што во тоа време беше огромна бројка. И цената беше огромна заради рачната работа и комплицираното производство од двете страни на Атлантикот, така што првите години само мал број примероци беа користени во редовен сообраќај, додека повеќето се докажуваа на тркачките патеки каде доминираа.

Во 1965 година дебитира третата верзија на Cobra во која се вградуваше монструозниот 427 мотор од 7,0 литри со 425 или 485 KS, заради кој беа направени сериозни модификации на шасијата. Автомобилот беше подолг и поширок, а мускулестата каросерија го задржа препознатливиот лик. Реалните перформанси можеа да шашардисаат секого – пример забрзувањето од 0 до 100 милји на час (161 km/h) и кочењето до целосно застанување за 12 секунди или пак максималните 264 односно 285 km/h. Но, при крајот на 1967 година после 1.011 рачно направени примероци меѓу кои практично е невозможно да се најдат два идентични, производството заради големите трошоци се прекинува. Шелби се концентрира на специјално подготвените Mustang и GT40 на Ford, a AC продолжува да ги продава во Европа своите верзии со помалиот 4,7 литарски мотор, но истовремено дозволувајќи им на бројни компании да прават свои реплики.

Таквата политика доведе до вистинска експанзија на автомобили кои само изгледаат како Cobra а всушност имаат каросерии од фиберглас и кој знае каква механика под нив. По некои проценки, се направени околу 45.000 реплики ширум светот. Во осумдесеттите години Shelby го продолжи производството на Cobra, но со модерни елементи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *