Посластица за повластени
» Сакајќи да ги врати старите ѕвездени моменти во мотоспортот, Ford во 1986 година ја разви RS Cosworth верзијата на Sierra, која со своите 204 турбо коњски сили постигнуваше максимални 240 километри на час, брзината која тогаш вообичаено се среќаваше само кај моделите на престижните марки со спортско педигре. Амбициите сепак беа поголеми и вклучуваа настап во моќната група А, за што беше потребен наменски модел кој заради хомологациските правила требаше да биде произведен во 500 примероци. Така во 1987 година настана Sierra RS500 Cosworth, за чија трансформација беше задолжено специјалното Tickford инженерско одделение на Aston Martin. Овој уличен тркач во својата цивилна верзија имаше 224 коњи кои го направија најмоќниот Ford на европскиот пазар. Всушност само на британскиот, бидејќи сите 500 примероци до еден беа со волан на десната страна. Максималната брзина што ја постигнуваше беше 249 km/h, а забрзувањето до 100 km/h траеше 6,2 секунди. Тркачката верзија која развиваше дури 550 коњи доминираше во натпреварите во групата А, донесувајќи му на Ford шампионски титули во светскиот шампионат на туристички автомобили и уште во 15-тина национални првенства.