S-класа на квадрат
» Шеесеттите беа години на силен подем на германското стопанство и сé повеќе успешни бизнисмени бараа автомобили високата класа. А тогаш, многу повеќе отколку сега, Mercedes беше закон меѓу најскапите автомобили. Претставена 1965-тата, серијата W108 (со стандардно меѓуоскино растојание од 2.750 mm) односно W109 (продолжена за 100 mm и со самонивелирачко воздушно ослонување) на S-класата уште пред официјално да биде наречена така претставуваше врв на техниката и луксузот, модерен автомобил кој не остава неодговорени желби. Но имаше еден недостаток – топ моделот 300 SEL со својот трилитарски 170-коњски шестцилиндричен мотор беше некако премногу обичен.
Тоа добро го знаеја во Mercedes заради што во S-класата го пресадија големиот 6,3 литарски мотор од претседателскиот 600, првиот V8 агрегат на компанијата после втората светска војна. Моделот кој доби ознака 300 SEL 6.3 предизвика сензација на салонот во Женева 1968-мата, особено што за него немаше никакви навестувања пред тоа. Неговите 250 KS со помош на четиристепен автоматски менувач на луксузната лимузина ѝ даваа спортски перформанси – забрзување до сто за сензационални 6,5 секунди (на Porsche 911 во неговата најсилна верзија тогаш му требаа 8,0 секунди) и максимални 220 km/h. Трошеше во просек 15,5 литри на 100 km заради што имаше резервоар зголемен од 82 на 105 литри, а чинеше 39.160 марки, за 50 отсто повеќе од обичниот 300 SEL кој таа година доби нов 2,8 литарски алуминиумски блок со исти 170 KS. Однадвор се разликуваше минимално, а внатрешноста беше збогатена со повеќе луксузна опрема.
Реакцијата на купувачите беше бомбастична и покрај високата цена – до 1972-рата беа продадени 6.526 примероци за разлика од 300 SEL кој од ’65-тата до ’70-тата во двете свои верзии заедно беше избор на 4.888 купувачи. Охрабрен од успехот Mercedes во 1969-тата лансираше уште една верзија на овој модел со V8 мотор – 3,5 литарски (односно 4,5 литарски за САД) со 200 KS кој се продаваше уште подобро.