» , ,
Czinger 21C (фото галерија)

Иднината на дофат

» Американецот Кевин Сингер живее во Лос Анџелес и има интересни идеји за тоа како треба да изгледа еден суперспортист од иднината. Неговата замисла не оди во правец на копирање на некое Ferrari, Lamborghini или пак Corvette, тоа ниту во сон. Човекот размислува малку, поточно драматично поинаку од сето тоа што до сега го знаеме од светот на суперспортистите.

Како може да изгледа различното?

Најпрвин тука е концепцијата во која возачот и сопатникот седат еден зад друг, нешто слично како кај мотоциклите. Тоа овозможува централно сместување на возачот, што пак од друга страна овозможува перфектен преглед над ситуацијата. Потоа на ред доаѓа системот на дистрибуција на силината. V8 моторот од 2,88 литри сместен е централно и ги задвижува задните тркала, додека напред има по еден електромотор на секое тркало. Шасијата изработена од алуминиум и карбонски влакна е екстремно лесна, со што е постигнат односот 1:1 kg/KS, што би значело системска силина од 1.250 KS на вкупна тежина од 1.250 kg. Внимавајте, ова веќе опасно мириса на драматична динамика.

И сега можеби главното – Czinger 21C е дизајниран со обилна помош на комјутерите, а главните делови се изработуваат со технологија на 3D принтери. Со истата технологија се изработува и алуминиумската шасија, а за да биде воодушевувањето уште поголемо, за тоа се потребни само неколку минути. Оптимизирањето на компонентите исто така е резултат на компјутерски ангажман па такму затоа и изгледот на некои од нив отстапува од се што е видено до сега. Поинаку кажано, 3D технологијата влегува на голема врата во автомобилскиот свет. За волја на вистината, засега само во екстремно скапите модели – од Czinger 21C е предвидена изработка на само 80 единици, по цена од 1,7 милиони долари.

Перформанси!

Да повториме, во двоседот се вградени еден V8 битурбо мотор кој силината до задните тркала ја пренесува преку 7-степенски секвенцијален менувач, а на предните тркала е вграден по еден електромотор. Со раположливата силина диригира посебно развиен менаџмент кој исто така е продукт на производителот. Тоа значи дека Czinger 21C до првите 100 km/h стигнува за 1,9 секунди, до третата стотка за 15, а до четвртата за 29 секунди, за која, на пример на Koenigsegg Agera RS, и се потребни 31,49 секунди. И така продолжува тој со своите забрзувања до максималните 432 km/h, кога контролната електроника издава наредба „доста е“. Дали некој може подобро од ова? Да, постојат неколку производители кои можат и подобро од ова, но имајте на ум дека Czinger 21C е прво возило произведено со обилна помош на 3D принтерите.

Понатамошното набројување на употребените компоненти ќе нé однесе во областа на применетата висока технологија, но можеби не е на одмет да ги споменеме батериите кои се од типот литиум-титан. Од проектираните 80 примероци 50 ќе бидат наменети за цивилна употреба, додека останатите 30 ќе бидат за тркачка патека. Верзијата со која ќе управуваат пилотите има променета аеродинамика, забрзувањата се уште поизразени а максималната брзина му е помала поради користење на масивен заден спојлер. И така си велиме, Czinger 21C требаше премиерно да биде прикажан на салонот во Женева, кој поради опасноста од корона-злото е откажан. Штета, ќе имаше што да се види!

Испрати коментар

Вашата е-мајл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *