Tags: , ,
Легендарниот Fiat 500 одушевува и ден-денес (фото-галерија)

Неприкосновена светска легенда

» Заеднички именител на сите автомобили што ги има дизајнирано Данте Џакоза е што се легендарни. Тој во текот на својата 43-годишна кариера има изработено голем број успешни автомобили, но ако мора да бираме кој е најуспешен тогаш тоа сигурно би бил Fiat 500. Беше лансиран во 1957 година како наследник на неговиот предвоен истоименик, нагалено наречен Topolino, заради што неговото официјално име всушност е Nuova 500.

Историјата на оваа икона трајно вградена во колективната свест со статус кој преминува далеку преку границите на светот на автомобилите заради што е симбол не само на Fiat туку и на цела Италија, е фасцинантна. Замислен како автомобил за широките народни маси, легендарниот дизајнер и покрај малите димензии му има подарено максимален простор во внатрешноста доволен за сместување на четири патници. Склопливиот платнен покрив кој беше стандарден му донесе малку здив на луксуз на овој ценовно пристапен модел, воедно намалувајќи ја количината користен челик кој како материјал во тоа време беше скап и имаше недостаток од него. Неговите симпатични контури и ден-денес силно се врежани во срцата на многу генерации на кои им се етаблираше како забавен автомобил кој донесува безгрижност и шири радост, потсетувајќи ги на среќните денови од минатото за кои би сакале да се повторат.

Бројките кои после 20 години производство застанаа на нешто под 4,3 милиони го направија еден од најпродаваните модели на Fiat на сите времиња. Под лиценца се произведуваше и во Австрија, Германија и Нов Зеланд. Најдобро се продаваше кога веќе добро загази во години – на крајот од ’60-тите и почетокот на ’70-тите. За сето време додека се произведуваше доживеа малку промени – тајната на неговата долговечност несомнено се крие во способноста без нарушување да го зачува изворниот идентитет, да остане верен на сопствениот безвременски стил. Иако неговиот наследник 126 се појави во 1972-рата Fiat 500 продолжи да се произведува уште три години, а караванската Giardiniera верзија под знакот на Autobianchi до 1977-мата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *