Tags: , , , ,
Вентилите во Hyundai работат под CVVD ритам (видео)

Моторите со внатрешно согорување сé уште се усовршуваат

» Иако ја губат битката со електриката, класичните мотори уште имаат капацитети за подобрување за да останат во игра. Пример за тоа доаѓа од Јужна Кореја, каде инженерите го развија CVVD (Continuously Variable Valve Duration) системот за работа на вентилите наменет за погонските единици кои се вградуваат во возилата на Hyundai и Kia.

Повеќето од досегашните CVVT (Continuously Variable Valve Timing) системи за променлива работа на вентилите се базираат на моментот на отварање, односно затворање на вентилите во зависност од вртежите на моторот. Таков е на пример VANOS системот кој го користи BMW. Понапредните користат CVVL (Continuously Variable Valve Lift) технологија, која овозможува освен точката на отварање да се регулира и должината на одот на вентилите. Fiat пак во своите MultiAir модели користи комбинација од двата системи.

Во општата трка за зголемување на ефикасноста на моторите и намалување на емисијата на штетни издувни гасови, Hyundai го има воведено CVVD системот. Како што јасно сугерира последната буква од кратенката станува збор за времетраењето на отвореноста на вентилите. Во зависност од условите, освен што се регулира моментот на отварање, CVVD системот овозможува и контрола на времетраењето на процесот. На пример при ниски оптоварувања во тек на всисниот такт вентилите се затворени половина од времето на тактот, за потоа да се отворат и така останат до завршување на всисувањето. Обратно, при високи оптоварувања на моторот, вентилите непосредно по започнување на работниот такт се отвараат и остануваат отворени сé до завршување на всисувањето. Ако можеме накратко да заклучиме, се работи за прецизни процедури за контрола на работата на всисните и издувните вентили во зависност од оптовареноста на моторот. Тука како главна новина се јавува моментот со времетраењето на отвореност на паровите вентили.

Резултатот од тој труд се огледа во зголемување на ефикасноста за 4%, и што е многу позначајно, емисијата на штетните издувни гасови се намалува за цели 12%. Овој систем дебитираше во Smartstream G1.6 T-GDi моторот (180 KS, 265 Nm) во Hyundai Sonata Turbo.

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *