Првиот мотоцикл или футуристичка замисла?
» Во 1818 година во еден париски весник беше објавена илустрирана вест со наслов Vélocipédraisiavaporianna во која со малку текст се известуваше дека на 3 април била извршена демонстрација на дресина задвижувана со пареа, како што е преводот на насловот на текстот. Во него се вели дека е дело на германски иноватор чие име не е објавено, кој дошол во Франција да го покаже својот изум. Голем дел историчари и фактографи долго време ја имаат сметано оваа илустрација како еден вид шега, нечија фантастична идеја, но она што збунува е контекстот на цртежот и веродостојноста на техничките детали на него што сугерира дека сето ова навистина било возможно. Понатамошните истражувања сепак ќе откријат дека првиот мотоцикл (на пареа, бидејќи во тоа време немало друг тип погонски агрегати) е создаден цели 50 години после објавувањето на оваа илустрација.