Автомобилот што го спаси Renault
» Renault после втората светска воја беше во немилост на француската држава, која откако го национализираше сакаше да го претвори во производител на камиони. На тоа се противеше Пјер Лефошо, наследникот на основачот на компанијата Луи Рено кој откако беше обвинет дека соработувал со фашистичкиот режим почина под неразјаснети околности во затвор пред да му се суди. За да се спаси компанијата многу важно беше таа да има успешни модели, чија гама во 1949 година кога започна развојот на Dauphine се состоеше само од малиот 4CV и предвоениот Juvaquatre. Тогаш за лансирање се подготвуваа и караванскиот Colorale и репрезентативниот Fregate, но тие слабо се продаваа. Затоа сите надежи се полагаа на новиот седан кој требаше да го наследи (но не и замени) 4CV.
Следејќи го опоравувањето на земјата, тој од него беше за нијанса поголем и полуксузен, но имаше доста сличности во конструкцијата која беше со мотор сместен назад. Механичките решенија сепак му беа помодерни, а настапот на пазарот дури и револуционерен. Имено, уште тогаш Renault го сондираше јавното мислење и заклучи дека жените го креираат своето мислење за автомобилите повеќе според нивната боја отколку според самиот автомобил. Тоа преку живи колорни комбинации на екстериерот и ентериерот беше имплементирано во серискиот модел чии прототипи поминаа два милиона километри опсежни тестирања – на суво време и прашина во Шпанија, на студено во арктичкиот круг во Норвешка, ослонувањето на Сицилија, заптивањето на каросеријата во Југославија…
Конечно, при крајот на 1955 година беа произведени првите примероци со кои новинарите се запознаа на почетокот на февруари наредната ’56-та кога ги возеа низ Корзика, но имаа ембарго за објавување до почетокот на март. Претставувањето на Dauphine беше организирано на 6 март во срцето на Париз, на Трокадеро, пред околу дваесет илјади луѓе. Новиот модел едноставно беше осуден на успех, не само во Франција – се произведуваше до 1967 година до кога беа направени точно 2.150.738 примероци. Покрај во Шпанија, Велика Британија, Белгија, Алжир, Аргентина, Мексико, Австралија и Нов Зеланд, под лиценца го произведуваа и Alfa Romeo во Италија, Kaiser Frazer во Израел и Willys Overland во Бразил. Јапонскиот Hino на негова основа го произведуваше моделот Contessa, а се продаваше во САД каде и се конвертираше во електромобил под ознаката Henney Kilowatt.