Нарачки во висина од 30 милијарди долари
» Напорите на европската автомобилска индустрија да ја намали зависноста од азиските производители на батерии започнаа да даваат плодови – шведската компанија Northvolt со која BMW, Volkswagen и Volvo имаат воспоставено соработка започна со производство на батериски ќелии, први во Европа. Швеѓаните на северот на земјата располагаат со огромна фабрика за производство на литиум-јонски батериски ќелии, кои во целост се конструирани и развиени во Европа. Плановите за нејзино стартување беа објавени уште во 2017 година, по што следеа издашните инвестиции од надворешните партнери на кои им требаа големи количини батерии за електричните возила. Тие досега им имаат направено нарачки во висина од 30 милијарди долари. Треба да се спомене и тоа дека фабриката на Northvolt за производството на батерии користи енергија од обновливи извори, а во неа работат 500 луѓе од 56 националности.