Цврсто на тронот
» Моделите на Tesla, бил некој задоволен или пак разочаран од нив, секогаш зафаќаат високи позиции на листите на најпродавани електрични возила. Ни Европа не е исклучок – и покрај сериозната конкуренција од домицилните производители, Model 3 цврсто го држи тронот демантирајќи ги двојбите од минатите месеци кога (привремено) мораше да го отстапи. Така во ноември на европските купувачи им се испорачани вкупно 10.739 примероци од овој американски седан, за разлика од Renault Zoe и Dacia Spring кои му прават друштво на подиумот со своите 8.658 и 5.746 продажби. Одличните резултати ги дополнува Model Y кој е на четвртата позиција со 5.347 купувачи, додека доста солиден е и Škoda Enyaq со 5.041 продадени возила. Зад него следи двоецот од Volkswagen – ID.4 (4.748) и ID.3 (4.707), додека Peugeot има 4.454 продадени примероци од е-208. Малку зачудувачки на деветтата позиција е уште еден модел на VW, малиот e-Up! со забележани 4.204 продажби, а топ-10 листата ја заокружува единствениот далекуисточен претставник Kia e-Niro со продадените 4.140 возила.