Меѓу последните од ерата пред Fiat
» На денешен ден 1960 година на патеката Валелунга во присуство на премиерот на Италија на новинарите им беше покажана Lancia Flavia. Овој модел заедно со Fulvia и Flaminia беа последните кои компанијата ги имаше пред да премине под капата на Fiat. Значаен е и по тоа што е прв големосериски италијански автомобил со погон на предните тркала. Во духот на марката располагаше и со други технички напредни решенија – алуминиумски боксер мотор, диск сопирачки на сите тркала, предно ослонување со попречни рамења со нееднаква должина, а подоцна и со механичко вбризгување на горивото. Класичната лимузина беше основа за купе и кабриолет изведбите развиени од Pininfarina и Vignale, додека Zagato ја преобрази во необично дизајнирано купе.
Flavia во 1967 година доживеа голем редизајн, а во 1970-тата беше заменета со моделот 2000, кој во основа е истиот автомобил. Од првата серија беа произведени 85.161 примерок од кои 19.293 купеа, 1.601 кабриолет и 724 од верзијата на Zagato, додека од моделот 2000 беше направени 17.066 примероци. Fiat во 2012-тата неуспешно се обиде да ја искористи нејзината слава лансирајќи ја кабриолет верзијата на Chrysler 200 на европскиот пазар како Lancia Flavia, продавајќи за три години само 1.129 примероци.