Tags:
Денешниот ден во ретровизор <br/>9 декември 1963 година

Почеток на крајот на Studebaker

» После лошиот старт на продажбата на возилата од моделската 1964 година, раководството на Studebaker загуби секаква надеж за подобро утре и го најави затворањето на својата најголема фабрика во Индијана, што дефинитивно значеше почеток на крајот на овој ценет американски производител на возила. Компанијата основана во 1852 година како производител на кочии и вагони во автомобилскиот бизнис навлезе во 1902 година. После првичните промашувања стекна репутација на производител на квалитетни и издржливи возила, заради што имаше поголеми трошоци од другите, главно за работната сила.

Токму ова беше нејзиниот најголем хендикеп после втората светска војна, кога големата детроитска тројка, посебно Ford и General Motors, во трка за поголемо пазарно учество започнаа меѓусебната војна со цените на возилата. Тоа се одрази катастрофално на помалите производители меѓу кои и Studebaker, кој излезот го виде во спојувањето со Packard. Но тоа не донесе никакви резултати и компанијата притисната од финансиските проблеми и барањето начини за краткорочна консолидација  (беше дури и увозник на Mercedes, Auto Union и DKW за САД), започна да ја губи долгорочната визија што се одрази на квалитетот. Продажбата паѓаше а долговите растеа, што на почетокот на 1962 година предизвика штрајк на работниците кој траеше повеќе од еден месец. Медиумите тоа го протолкуваа како намера компанијата да го напушти автомобилскиот бизнис, заради што беше загубена довербата на купувачите кои не сакаа да заглават со автомобил за кој после ќе нема делови за сервисирање.

Така, откако таа и наредната 1963-та продажбата никако не се подобруваше, компанијата при крајот на годината најави дека ќе ја затвори својата најголема фабрика во Индијана. Погонот во Канада остана да работи, а раководството се обиде да спаси што може да се спаси со преговори со Nissan и Toyota за пласирање на нивните возила во Америка под знакот на Studebaker. Откако и тоа заврши неуспешно, канадскиот погон беше затворен во март 1966-тата, кога оваа некогаш доста ценета автомобилска марка замина во историјата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *