Чудни ама ефикасни мерки за заштеда на гориво
» На денешен ден 1973 година претседателот на САД Ричард Никсон во јавно обраќање на телевизија на нацијата ѝ порача дека ќе биде забрането точењето гориво почнувајќи од 21 часот навечер во сабота до недела на полноќ. Оваа навидум чудна мерка беше прогласена како одговор на нафтената криза предизвикана со ембаргото на ОПЕК према некои западни земји кои го подржуваа Израел во воениот конфликт, кое предизвика зголемување на цената на нафта за 4 пати и нејзин сериозен недостаток ширум светот. Покрај ова, во САД беше воведено и национално ограничување на максималната брзина од 55 милји на час (88 km/h) и беше дозволено свртувањето десно на црвено светло на семафор.
Веќе ваквиот микс на одлуки наговестува дека програмата за намалување на потрошувачката на нафта е сериозно обмислена – со забраната за продажба на гориво во недела се обесхрабрија долгите патувања на граѓаните на САД за време на викендите, што директно доведе до зачувување на нафтените резерви на земјата за претстојната зима. Пониската брзина на возење сама по себе значи и помала потрошувачка, а од денешен аспект гледано и помало загадување. Свртувањето десно на црвено, пак, го намали работењето на моторите на возилата во место што повторно значеше помалку потрошено гориво. Значајно е да се спомене дека ова правило таму важи и ден-денес, а ограничувањето на максималната брзина се одржа до 1995 година кога оваа надлежност е препуштена на сојузните држави поединечно. Како бонус, бројот на жртвите во сообраќајни несреќи во САД се намали за околу 9.000 годишно. Забраната за точење гориво во недела, пак, е укината по завршувањето на нафтената криза идната пролет.