Симбол на една поделена нација во едно друго, поделено време (3*видео)
» Во јануари 1954 година советот на министрите на Германската Демократска Република донесе одлука за производство на мал автомобил за народните маси. Требаше да има две нормални седишта напред, уште две помали назад, да не тежи повеќе од 600 килограми, да не троши повеќе од 5,5 литри на 100 километри и да не биде поскап од 4.000 источногермански марки. Беше одлучено и годишното производство да изнесува 12.000 возила. Инженерите се зафатија за работа и веднаш наидоа на проблем со недостатокот на индустриски челик, заради што мораа да размислуваат неконвенционално. Така, овој тогаш во основа модерен автомобил со шасија направена од едно парче, погон на предните тркала и независно ослонување, доби каросерија од термоотпорна пластика која се добиваше од отпад од памук и фенолни смоли од индустријата за бои. Со други зборови, имаше каросерија направена од рециклирани материјали, нешто што и ден-денес автомобилската индустрија се мачи да го воведе.
Автомобилот кој беше претставен на саемот во Лајпцих во 1957 година, во чест на советската вселенска програма и лансирањето на Спутник го доби името Trabant кое значи сателит, односно придружник. Имаше воздушно ладен двоцилиндричен двотактен мотор со зафатнина од 499 cm³ кој работеше на 4-процентна мешавина од 72-октански бензин, чии 17 коњски сили го дотеруваа до максимални 90 km/h. Иако поставените цели не беа постигнати бидејќи во проспектот што се делеше на саемот беше објавено дека троши 6,8 литри на 100 километри и чини 7.450 марки, работничката класа беше задоволна. Првите примероци од нултата серија излегоа од погоните на фабриката на 7 ноември 1957-мата, а редовното производство започна наредната ’58 и траеше сé до 1991 година. Со текот на времето доживеа четири генерациски изведби (ако така може да се каже) но основната конструкција остана непроменета. Беше слаб и бавен, чадеше и бучеше и за остатокот на светот служеше за потсмев, но граѓаните на источниот дел на поделената Германија го сакаа. Западната пропаганда вели дека за него се чекало и до 13 години заради што цената на половните возила изнесувала двојно повеќе од новите и дека соодносот на оние што сакале да го купат и расположливите количини изнесувал дури 43:1, но тешко е во тоа целосно да се поверува бидејќи за 33 години беа произведени точно 3.096.099 примероци. Значаен факт е и дека беше доста издржлив и просечниот животен век му изнесуваше 28 години.