Не, не е првоаприлска шега
» Како и да ви изгледа, Ford навистина има направено парфем со мирис на бензин, поттикнат од едно истражување кое вели дека со преминувањето на електриката на секој петти возач најмногу ќе му недостига мирисот на бензин. За чувството да биде комплетно, тие на овој парфем кој го нарекоа Mach-EauGT му имаат додадено и нијанса на чад, парченца гума и животинска компонента, што и да им значи тоа. Плус на сé, спакуван е во шишенце налик на бензинска пумпа. Сепак за да светот не ги смета за тотално шлакнати, во Ford одлучија овој парфем да не го продаваат, туку само да го користат во својата мисија за разбивање на митовите за електричните автомобили и уверување на традиционалните ентузијасти во нивните потенцијали.