Tags:
Што ќе се случи ако во возење се откачи приколка од камион?

Добро е да се знае

» Дали сте се запрашале што би се случило ако во возење се откачи приколка од камион? Како прво тоа практично е невозможно бидејќи спојниот механизам на приколката со камионот се проектира со висок степен на сигурност, што значи дека може да издржи неколку (и до десет) пати поголемо оптоварување од декларираното. Дополнително постои и електрична заштита која предупредува дека нешто не е во ред со приклучокот и во критичен случај по потреба го гаси моторот на камионот. Значи, за во возење да се откачи приколка од камион треба екстремна немарност. Но ако тоа сепак се случи, приколката нема неконтролирано да продолжи да се движи туку истиот момент ќе започне сама да кочи со максимална сила.

За тоа е задолжен самокочниот механизам со кој е опремена секоја приколка за товарните возила. Имено, сопирачкиот систем кај камионите (и автобусите) е пневматски и е функционален само кога е наполнет со воздух под притисок. Кога ќе се испушти воздухот од системот кочните облоги  со помош на пружина сместена во кочниот цилиндар со максимална сила која се прилепуваат за тркалата и ги блокираат. Стручно кажано, сопирачкиот систем кај товарните возила во пасивна состојба е закочен, што е сосема спротивно од функционирањето на хидрауличниот систем и рачната сопирачка кај лесните возила. Значи, ако нешто во пневматскиот систем за сопирање се расипе, автоматски сé ќе се закочи.

Треба да се напомене и дека овој систем кој е доста доверлив сепак е подложен на корозија која може да доведе до пукање на пружината кај постарите возила, заради што ригорозно се контролира на секој технички преглед.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *