Tags:
Електрика место механика за погон на уредите на моторот

Синџирот и каишите ја губат битката со струјата

» За да функционира моторот и воопшто возилото, потребни се многу помошни уреди за чиј погон се троши драгоцена енергија. Некои од нив се неопходни за работата на моторот, како што се вентилите, пумпите за масло и разладна течност, алтернаторот… Постојат и уреди без кои моторот ќе работи сосема нормално, но возилото нема да биде функционално како што треба – тоа се серво управувањето, компресорот за клима уредот и слично. Сите тие уреди, освен пумпата за масло за која се користат запченици поврзани со коленастото вратило, се задвижуваат со синџир или ремени за што се троши сила од моторот што на крај се сведува со негова помала искористлива работа за задвижување на возилото и поголема потрошувачка. Иако поединечно не се работи за голем ангажман, севкупно заедно тие може да трошат и до неколку коњски сили што иако изгледа така, не е занемарливо. Друг проблем со ваквите механизми се одржувањето и можностите за регулација.

Со цел намалување на потрошувачката, односно количините испуштен CO₂, производителите на возила уште од одамна постојано трагаат по различни решенија, скоро по правило базирани на струјата односно замена на механичкиот погон на помошните системи со електричен, што на крај ќе доведе до исфрлање на каишите. Со нивната замена со електромотори се намалуваат механичките губитоци кои кај механичките решенија секако се поголеми, но важна предност е и дека за разлика од каишите кои постојано вртат одземајќи му од силата на моторот, електромоторите работат само тогаш кога е потребно. Исто така, со нив е можна значително подобра регулација на работата на уредите кои кај класичните решенија зависат исклучиво од брзината на вртење на моторот, додека кај електричните тие целосно независно се регулираат и во доста поголем опсег. Типичен пример што сите сме го забележале е вентилаторот на ладилникот кој за време на жешките летни денови продолжува да работи и откако ќе го исклучиме моторот за да ја снижи температурата на разладната течност, што не е можно ако тој се задвижува со каиш.

Ако на сето ова ги додадеме и микро односно благите хибридни технологии чија регенерирана енергија не се користи за задвижување на возилото туку исклучиво за погон на електричните потрошувачи, јасно е во која насока ќе се движи иднината. Следниве решенија во поголема или помала мерка ја користат електриката место механиката за погон на уредите на моторот.

Вентилатор на ладилникот: Наменет за ладење на антифризот, тој историски гледано е прв уред на моторот кај кој погонот со каиш е заменет со електромотор, што всушност ја овозможи масовната примена на попречно вградените мотори

Електромеханичко серво управување: За разлика од класичниот хидрауличен систем чија пумпа работи непрестано, електромоторот кај ова решение се активира во моментот кога ќе се сврти управувачот и преку механизмот обезбедува дополнителен вртежен момент што ја олеснува работата на возачот. Електромоторот работи само кога е потребно, а целиот склоп е значително поедноставен

Електричен варијатор на фазите на вентилите: Електромоторот го обезбедува релативното свртување на брегастата оска за да се овозможи промена на времето на отворање на вентилите, главно само кај всисните бидејќи кај издувните температурите се доста високи

Електромагнетни вентили: Решение кое засега многу ретко се среќава. Нема брегаста оска, а овозможува неограничени можности за управување со вентилите

Електричен компресор: Исклучително брзата реакција, едноставното управување и малите губитоци се причините за сé почесто размислување за вградување на електрични компресори како додаток на турбо компресорите

Електрична пумпа за масло: За разлика од класичната која се задвижува преку систем запченици директно од коленастото вратило и чиј проток зависи од неговата брзина на вртење, електричната пумпа за масло има помали губитоци и овозможува подобра регулација на протокот на  масло и подобро подмачкување

Електрична водена пумпа: Класичната пумпа за разладната течност се задвижува со каиш и се активира со стартувањето на моторот. Брзината на вртење и протокот се зависни од брзината на вртење на моторот, а пумпата работи цело време додека работи и моторот. Додека мотор е ладен таа воопшто нема потреба да работи, а кога моторот ќе се исклучи и таа престанува да работи иако би требало. Со замената на механичкиот погон со електромотор пумпата работи тогаш кога е потребно, со што се троши помалку енергија, а се овозможува подобра регулација на ладењето и нејзиниот проток може да се зголемува ако температурите се високи или кога автомобилот работи во место, со што се намалува ризикот од прегревање на моторот

Електрична топлинска пумпа: Ново решение кое веќе се користи за греење и ладење на внатрешноста на електричните и хибридните автомобили, а можеме да го очекуваме и кај оние со класични мотори

Електрични сопирачки: Електричната односно електронската рачна сопирачка веќе е вообичаена појава, а се појавија и возила со електрично активирање на главните сопирачки место со хидрауличен систем, чии решенија допрва треба да се докажат како доверливи и издржливи и да се регулираат со соодветни прописи

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *