Tags:
Црни облаци на хоризонтот

Каде вози автомобилската индустрија?

» После принудното гаснење, автомобилската индустрија лани полека повторно ги запали моторите. Производството бавно се растартираше, а натрупаните залихи на возила уште побавно започнаа да се намалуваат. Таков беше моментот, таков е дури и сега, но во целата работа во воздух лебди едно големо „но“. Најпрвин рестартирањето кое оди исклучително бавно заради условите и многу претпазливо заради предвидувањата. Таму каде што од производните ленти порано излегуваа по 60 возила на час, сега тие се тркалаат со многу помало темпо. Недостасуваат нарачки, а и кога ги има, проблем се јавува со снабдувачите. И тие се во истиот, лош и неизвесен филм. Без да ги именуваме производителите поединечно, стана принцип големите корпорации да бараат свеж капитал за повторно рестартирање на погоните. Кратењето на производната гама и отпуштањето на работници се придружните непријатности кои одат заедно со прекинот на синџирот нарачки-производство-продажба. А пандемијата го направи токму тоа.

Ако се повикаме на светски познатата конслатинг компанија AlixPartners која има свои испостави низ цел свет, ќе забележиме дека во нивните проекции преовалдуваат црни бои, со по некоја сива нијанса. Една нивна анализа ни говори дека во следните три години кумулативната продажба на автомобили ќе се намали за цели 36 милиони единици. А за да се произведат останатите предвидени возила, покрај веќе земените, ќе бидат потребни дополнителни заеми во висина од 72 милијарди долари.

При изработка на нивната студија се земени во предвид сите фактори кои можат на некој начин да влијаат на овие прогнози. Тука се смета и на трошоците кои големите компании ги вложуваат во развој на нови технологии. Поголемиот дел од тие трошоци одат на електричните возила и автономното управување со нив. Според нив, не помала несоница кај одговорните инженери создава и исполнувањето на најавените еколошки стандарди. Како илустрација: намалување на 5 g/km на штетниот CO2 кај некој од моторите, „јаде“ над милијарда долари. Во оваа ситуација спасот може да биде само политички, односно да се одложи имплементацијата на веќе поставените цели. Констатацијата највеќе се однесува на европските производители поради тоа што останатите големи пазари се далеку полиберални во тој поглед.

Во студијата детално се анализираат и континенталните влијанија предизивикани од Ковид-19. Според нив најмали загуби ќе претрпи кинескиот пазар кој прв се затвори но и најбргу се рестартира, и тоа со полн капацитет. Од наш интерес се разбира е европскиот пазар кој е прилично развиен, но во иста мера и компликуван поради големото влијание на регулаторите и релациите помеѓу работодавачите и синдикатите. Во едно само можеме да бидеме сигурни: враќањето на позициите од 2019 година, во најоптимистичката варијанта, се очекува да се случи во 2022 година. Гледано од оваа неизвесна перспектива, прогнозите можат да бидат и само добра желба. Дефинитивно, развојот на ситуацијата ќе зависи од „вишата сила“ која ја донесе ураганот наречен корона. Во сите овие проекции ние како држава, земајќи ја предвид големината на пазарот, можеме да бидеме одлични набљудувачи!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *