Tags: ,
Хенри Форд (30 јули 1863 – 7 април 1947)

Како Ford стана Ford (со видео)

» Хенри Форд ниту го измисли автомобилот ниту пак монтажната лента, но ги усоврши до таа мерка што неговото име се најде на самиот врв на листата луѓе кои имаа најголемо влијание на човековата цивилизација успевајќи да го направи автомобилот толку евтин за од луксуз да стане потреба. Но патот до остварувањето на американскиот сон беше долг и мачен, како за Хенри така и за сите околу него. Роден е на 30 јули 1863 година на семејната фарма во околината на Дирборн, Мичиген, каде денес се наоѓа дирекцијата на Ford. Но фармерството многу не го интересираше и на 16 години оди во Детроит каде се обучува за механичар. Во 1892 година го комплетира својот прв автомобил, а по искуствата стекнати со неговото тестирање четири години подоцна и вториот кој го претставува на главните луѓе на компанијата Edison Illuminating каде тогаш има работено како главен инженер.

Охрабрен лично од страна на Томас Едисон, Хенри Форд продолжува со работа и во 1899 година со помош на група финансиери ја основа компанијата Detroit Automobile. Но воден од својот перфекционизам тој одбива да започне со производство на автомобили додека не биде сосема задоволен од сработеното, што никогаш не нема случено бидејќи инвеститорите кои сакале брз поврат на вложеното започнале да ја губат довербата и после две години и дваесет направени возила компанијата оди во банкрот. Хенри Форд не се откажува и со нови инвеститори успева да се реорганизира и да основа уште една компанија наречена според неговото име – Henry Ford Company. И тука приказната се повторува и Хенри Форд буквално беше набркан од инвеститорите кои без него ја реорганизираа компанијата и ја нарекоа Cadillac.

Во меѓувреме Хенри Форд сфаќа дека му треба поголема промоција, која во тоа време единствено можела да се стекне на трките. Ангажирајќи се нешто тој лично, нешто други повешти од него луѓе, стигнува до успех на тркачките патеки и стекнувајќи имиџ го свртува вниманието кон своите производи. Тоа значително му помага во повторно наоѓање бизнис партнери, со кои ја основа компанијата Ford & Malcomson. И повторно, компанијата практично уште пред да започне да функционира запаѓа во проблеми, од кои ја извлекуваат останатите инвеститори. После нејзината реорганизација и држејќи го темпераментот на Хенри Форд под контрола, таа во 1903 година е наречена Ford Motor Company и конечно започнува производството на автомобили.

Веќе првиот профит го доведе до судир со останатите партнери, но после неколку години нефер битка меѓу себе овојпат тој излезе како победник и како доминантен сопственик непречено можеше да продолжи да работи на идејата што ја имаше – да се понуди евтин автомобил кој секој Американец ќе може да го купи. Резултатот беше Model T, кој беше претставен во 1908-мата. Автомобилот со своите својства и цената од 825 долари (еквивалент на денешни околу 23.500) беше полн погодок – првата година беа продадени околу десет илјади примероци. Во наредниот период Хенри Форд постојано го унапредуваше производството и ја намалуваше цената на Model T, кој посебно доби на популарност со воведувањето на новиот систем на продажба базиран на франшизи. Со тоа Форд обезбеди секој во Америка да слуша само најдобро за неговиот автомобил, чија нарасната продажба ги збогати и неговите дилери.

Во 1913 година Хенри Форд ја воведе монтажната лента. Со овој револуционерен потег времето за производството на еден автомобил се намали од дванаесет ипол часа на само 93 минути, а од неа на секои 24 секунди се симнуваше по еден автомобил, што резултираше со спуштање на цената на Model T само 260 долари (денешни околу 3.800). Тогаш Model T можел да се купи само во црна боја, од причина што таа се сушела побрзо од останатите. Истовремено Форд ја шокираше Америка зголемувајќи ја двојно надницата на работниците, за што имаше многу едноставен мотив – освен што подобро работеа, тие станаа и платежно способни да го купат неговиот автомобил. Сето ова доведе до апсолутна доминација на Ford Model T не само во САД туку и низ светот до тоа ниво што секој втор произведен автомобил беше токму Model T.

Но тоа не го промени Хенри Форд, кој и понатаму ги доведуваше до лудило сите со кои работеше. Неговиот син Едсел кој имаше раководна функција во компанијата со години попусто го убедуваше дека треба да се развиваат нови автомобили бидејќи времето на Model T поминуваше, но Хенри го одбиваше тоа сé до самиот крај. И беше во право – продажбата на Модел Т започна да опаѓа дури во 1926 година, претпоследната кога се произведуваше. Овој автомобил кој го постави светот на тркала и го направи Хенри Форд еден од најбогатите луѓе во светот, беше произведен во повеќе од 15 милиони примероци. Рекордната бројка беше соборена од Volkswagen-овата Буба дури во 1972 година.

Така, во 1927 година Ford продолжи со нови модели, а Хенри Форд со старите навики. Мешајќи се во работата на сите околу него, тој со повремени отстапки практично сé до смртта цврсто раководеше со компанијата без разлика бил на нејзиното чело или не, бидејќи никој не смееше да му се спротивстави. Почина на 7 април 1947 година оставајќи го своето богатство на фондацијата Форд, а компанијата на семејството.

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *