Купувајте европско!
» Иако не се согласуваат околу енергетската политика, и за Франција и за Германија е јасно дека Европската унија треба да стори повеќе за да ги промовира националните индустрии. Така, францускиот претседател Емануел Макрон се обидува да ја добие поддршката на германскиот канцелар Олаф Шолц за нов план со цел да им помогне на европските производители на автомобили да останат конкурентни. Овој потег доаѓа откако САД најавија субвенции само за електричните автомобили произведени во Северна Америка. Според францускиот претседател додека САД и Кина ги штитат своите индустрии секој на свој начин, Европа останува отворена за сите ветришта. Затоа мора да се промениме – изјави Макрон, додавајќи дека Франција и Германија мора да се држат заедно во однос на ова прашање. Според неговите зборови, двајцата лидери се приближуваат кон идејата субвенциите за електрични автомобили да важат само за возила од европско производство. Прашање е како официјален Брисел ќе реагира на ваква иницијатива бидејќи таа може да се протолкува дека е во спротивност со постоечките правила на ЕУ или светската трговска организација.