Tags: , ,
Денешниот ден во ретровизор <br/>3 декември 1979 година

Како Американците замислуваа компактен автомобил

» На денешен ден 1979 година во фабриката на American Motors Corporation во Висконсин беше произведен последниот Pacer. Настана како одговор на нафтената криза ’73 кога компаниите од Детроит набрзина развија неколку модели кои тие ги нарекоа компактни и економични. Таков требаше да биде и AMC Pacer, кој имаше чудни пропорции – беше долг 4,36 а широк 1,96 метри. Имаше и некои невообичаени технички решенија, како што се огромните стаклени површини и во покривот засечените врати од кои десната беше за десет сантиметри подолга за да можат патниците назад полесно да влегуваат. Со дизајнот кој му беше футуристички, беше дочекан на пазарот во 1975 година како сензација – го нарекуваа дури и автомобил на иднината. Затоа и првите две години беа продадени скоро 263 илјади примероци.

Но на виделина започнаа да излегуваат неговите маани, пред сé предизвикани од лошиот квалитет и застарената механика која беше искористена, бидејќи се немаше време за развој на нешто помодерно. Имаше грешки и во проценките на производителот, па така багажникот беше премал, диск сопирачките напред се добиваа како опција, задната оска беше крута и ослонета на лиснати пружини а се нудеше со мастодонски но слаби редни шестцилиндрични и V8 мотори (основната верзија имаше 3,8 литри и 90 коњски сили а најголемиот беше петлитарски со 125 коњи) спарени со три и четиристепени мануелни и автоматски менувачи кои обезбедуваа анемични возни својства. Дека воопшто не беше економичен не треба да се споменува.

Сето ова направи јавноста да го замрази автомобилот и продажбата катастрофираше – до крајот на неговиот живот 1979-тата, значи за уште три години, беа продадени само уште нешто над 91 илјада примероци. Имаше обиди да се пласира и во Европа но продажбата беа толку лоша што, на пример, количините увезени во Белгија се распродава сé до крајот на 1983 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *