Tags: ,
Загадувањето само што не започнало

На прагот на заладувањето на времето мора да се подготвиме за соочување со загадувањето на воздухот

» Приказната со штурецот и мравката ни се повторува од година во година. Малку формата е поинаква, но суштината е таа. Додека е топло, загадувањето на воздухот во нашите поголеми урбани центри е подносливо. Тогаш сите како да забораваме дека по летото неминовно доаѓаа период со пониски температури. Нашиот менталитет на штурец кој безгрижно си ја пее својата песна завршува со првите денови кога треба да ги загреваме просториите. Скопје има таква микроклима што на повисоки температури ветровите го оддувуваат воздухот кој ние немилосрдно го загадуваме. Штом залади ветриштата ги заменува маглата, и згора на сé имаме загревање на просториите со енергенси од „непознато“ потекло.

Токму тогаш почнуваат и нашите маки со загадувањето. И ведаш потоа доаѓа реакција од надлежните, поточно бегаање од проблемот и префрлање на вината на сите останати. Еднаш највиновни ни се старите автомобили, потоа фабриките без адекватни филтри, па индивидуалното греење, за да на крајот прстот го впериме кон ветриштата што ги нема и проектантите и градежниците што ни изградиле високи згради среде Скопје. И сé така до моментот кога ќе пукне пролетта и ќе ги издува ПМ честичките и останатите отрови од воздухот. Тие што ќе куртулат повторно ќе засвират на своите штуречки инструменти. Помалку среќните ќе се обидат своите тегоби да ги решат со алтернативни лекови, оти јавното здравство не ни е баш во кондиција. Би било весело кога оваа приказна не би се одвивала во критично загаден воздух, параметар кој неславно нé сместува на самиот светски врв.

Без прецизна анализа на загадувачите, секогаш виновникот најпрвин се бара во автомобилите. Далеку од тоа дека низ издувните цевки на просечно 20 години старите возила излегува нешто чисто. Но, дали автомобилите се главниот виновник за отровниот воздух што го дишеме? Се разбира дека не! Тоа индиректно го признаваат и одговорните, од кои често слушаме дека со изградба на секундарната гасоводна мрежа во Скопје загадувањето ќе се намали, некогаш споменуваат и за над 50%.

Убаво. Ај да ги продискутираме и резултатите од единственото испитување што го имаме спроведено од независни европски екологисти во кое се вели дека на автомобилите отпаѓаат (говориме за Скопје) под 25%, па потоа да го впериме прстот кон најголемите загадувачи. Да бидеме јасни – и предизвикување на четвртина од загадувањето не е вредност која би можеле да ја занемариме. Напротив. Постојат редица технички мерки кои би требало надлежните да ги донесат, а кои би придонеле да дишеме драматично почист воздух. Сепак, тоа е една широка тема која бара сериозна анализа на нашиот сообраќај во целина, па потоа преземање адекватни мерки. Постојат бројни светски искуства на кои можеме да се повикаме и овој загадувачки сегмент видно да го подобриме.

Како и да е, комплексната поврзаност на автомобилите и квалитетот на воздухот кој го дишеме е толку важна тема што за решавање на тој проблем е потребна поширока вклученост на сите општествени фактори. Со неа би биле опфатени законската регулатива, патната инфраструктура, составот и староста на возниот парк, организирањето на јавниот градски превоз и сообраќајот воопшто и друго. А за сето тоа треба многу време и напори. Но иако треба да се истакне дека секој пат кога енормното загадувањето ќе го почувствуваме со сите сетила да се потсетиме дека автомобилите не се единствената (дури не се ниту најголема) причина за тоа. Иако е тоа факт, сепак треба да бидеме подготвени во критичните денови да се откажеме од комфорот на сопствен превоз, сепак за здравјето на сите нас се работи!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *