50 години под напон
» Во пресрет на премиерата на ID.7, од Volkswagen слушнавме многу планови за нивната електрична иднина. Меѓу другото и дека во неа ќе има место за Golf, кој од наредната деветта генерација ќе биде само електричен. Таква верзија тој имаше до скоро – добро ја знаеме бидејќи се среќава и на нашите улици, но ретко кој знае дека струјата е присутна кај Volkswagen повеќе од половина век. Поточно од 1972-рата кога беше направен првиот електричен прототип на Transporter, а во Golf од 1976-тата.
Создаден чисто како експеримент со електричен мотор со 27 KS со кој постигнуваше 80 km/h и батерии кои му овозможуваа поминување околу 50 километри, службите во фабриката го користеа прототипот неколку години. Позитивните искуства беа причина што во 1981-вата беше направена серија од 25 примероци на Golf CityStromer како што беше наречен, сега со 33 KS и автономија од околу 60 километри. Појавувањето на втората генерација на Golf во 1984-тата донесе нова изведба на CityStromer. Беа направени 100 примероци чија цена изнесуваше 45.000 марки. Имаше 21 коњска сила со кои постигнуваше 100 km/h, а со 16-те батерии сместени во подот на багажникот и под задните седишта поминуваше околу 50 километри. Во ’93-тата во тираж од 250 примероци следеше третиот CityStromer, сега со „солидни” 49 KS и автономија од 90 километри. И шестата генерација на Golf имаше своја електрична изведба, како тест-модел со ознака Blue-E Motion од која произлезе e-Golf кој на база на седмата генерација од 2014-тата до 2020-тата беше произведен во 145.561 примерок.