Приказна како од бајките
» Во време кога три цилиндри е стандард а шест луксуз, постоењето на еден ваков V12 модел од марка како Peugeot звучи како приказна од бајките. Но таа е вистинска и не толку далечна – се случува токму во моментите кога сé кај автомобилите започнува да се намалува, само цените да растат. Настана во 2004 година по повод отворањето на новиот дизајнерски центар на францускиот производител, кога на дизајнерите им дозволија да ја разбудат фантазијата. А овој концепт со ознака 907 навистина го стори тоа со својот 6,0 литарски мотор настанат со спојување на две трилитарски V6 машини, кој вкупно испорачуваше 500 KS. Каросеријата му беше од јагленородни влакна, ослонувањето тркачко а погонот на задните тркала. Забрзуваше до 100 km/h за 3,7 секунди, а можеше да постигне максимални 360 километри на час. Бидејќи не беше проектиран да стигне до сериското производство, најдалеку што отиде е до музејот на марката.