Tags:
Систем за рано предупредување од мраз

Метеоролошки сензори во служба на сообраќајот

» Веста дека снегот среде зима ги изненадил нашите служби за одржување на патиштата одамна веќе не е вест – тоа е наше секојдневие, нешто што се повторува секоја година скоро без исклучок. Толку се навикнавме на тоа што одамна престанавме да се прашуваме како земјите каде снегот им е нормален декор во зима се справуваат со него. Одговорот го побаравме во Швајцарија, кај фирмата Boschung, која е специјализирана за решенија со кои на општеството му се овозможува нормално да функционира и среде најлутата зима.

Оваа компанија е добро позната кај големите инфраструктури – аеродромите и концесионерите на автопатиштата. Нејзините специјализирани решенија се високоефикасни без конкуренција. Имаат скоро за сите по нешто, дури и за комуналните служби во градовите. Сепак еден нивни продукт посебно ни го привлече вниманието. Тоа е системот за рано предупредување од мраз, кој навреме ги алармира задолжените да се подготват и да излезат на терен пред снегот, мразот и воопшто зимата да започнат да делуваат. На првата линија на фронтот се наоѓаат метеоролошки сензори кои своите отчитувања ги праќаат до одделението за далечинска обработка каде се евидентира видот и интензитетот на врнежите, видливоста, температурата на воздухот, релативната влажност и сите други параметри што ги бара клиентот. После тоа на сцена стапува Borrma-Web софтверот кој се состои од различни модули, со што може да се прилагоди за секоја задача посебно. Со анализата на собраните податоци, тој предвреме алармира за подигнување на нивото на готовност и активирањето на механизацијата, во зависност од временските услови што се очекуваат – попрскување на инсталациите за одмрзнување или интервенции на возила. На тој начин се овозможува лесна и целосна контрола на капацитетите и нивна динамична и навремена реакција.

Од наш македонски аспект гледано, информативниот систем за временските услови на патиштата RWIS е важна компонента. Швајцарците за него ќе кажат дека овозможува најдобра комбинација на безбедност на патиштата, заштита на животната средина и економичност, а ние дека неговата црвена сијаличка ќе ги разбуди нашите служби пред снегот среде зима да ги изненади. Неговото функционирање е едноставно, за што се грижат модулите кои ги собираат податоците. Нивни главен извор се сензорите инсталирани во мерната површина на патот, кои меѓу другите параметри ги мерат температурата на површината, точката на замрзнување и состојбата на површината (сува, влажна, лизгава поради вода или мраз, голомразица, снег…). Уникатниот концепт на интегрираните системи за алармирање со претходно дефинирани предупредувачки параметри и специфични сугестии што може да ги конфигурира клиентот ги обезбедува потребните информации за да се донесе соодветна одлука во вистинско време за стартување на оперативната механизација за одржување на патиштата и оптимална употреба на сите ресурси што се на располагање. Битно е да се напомене и дека сето ова е само превентива – вистинската акција започнува дури откако овој систем ќе си ја заврши својата работа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *