Авантура која се граничи со лудост
» Дури и пред втората светска војна Сахара беше мистерија за европските истражувачи. Предизвикот да се премине беше голем и на него не можеше да одолее ни 27-годишниот Чех Јиржи Хануш кој од само нему познати причини сам тргна на пат до Дакар, поддржан од Škoda која се надеваше дека неговата соло експедиција ќе придонесе за поголем извоз и престиж на марката. Компанијата во тоа време активно одговори на глобална економска криза со воведување поефикасно производство и нови автомобили. Тогаш беше лансиран и моделот од средната класа 633, чија ознака кажуваше дека има шестцилиндричен мотор со 33 KS. Со својата испробана и издржлива конструкција тој беше направен да се справи со европските патишта со лош квалитет, но дали можеше да ја совлада Сахара?
На Хануш кој на 17 февруари 1933 година тргна кон Африка му требаа пет дена низ со снег покриените патишта да помине 1.454 километри со Марсеј, од каде со брод се упати преку Медитеранот за на 24 февруари темно зелената Škoda 633 да биде истоварена во Алжир. Автомобилот беше сериски, и тоа од најевтината верзија со затворена каросерија со две врати. За информација, чинеше 45.500 чехословачки круни, во време кога месечната плата таму изнесуваше помалку од осумстотини круни, сума за која можеше да се купи обичен машки волнен костум. Немаше ни посебни широки гуми погодни за пустинскиот песок, ниту посебна вентилација за кабината, а младиот Чех со себе не носеше ниту пак било какво оружје. Единствена „помош“ на 6.546 километри долгиот пат од Алжир до Сенегал му беше договорот со француската транссахарска компанија која требаше да испрати по него возило за потрага и спасување ако доцни пет дена.
Првите 422 километри на африканско тло ги помина на пристоен асфалт, за потоа да загази низ пустинската прашина. Не се грижеше дека ќе залута бидејќи требаше само да ги следи телеграфските столбови. Не жалеше ни што го загуби компасот – многу полошо беше тоа што на бродот му ја украдоа комбинираната клешта. Возеше и низ рој скакулци, а напредувањето на автомобилот го запре само шајка пред хотелот каде требаше да преспие, првиот од само двата дефекта што ги имаше со гумите на целата рута. Пејсажот се менуваше од нерамен полн грмушки до длабок песок на кој тркалата се лизгаа и се чинеше како да вози со повлечена рачна сопирачка. Хануш полека учеше како најлесно да ги совлада предизвиците кога стигна на работ на вистинската Сахара. Следеа застрашувачки 1.100 километри, со само една станица за снабдување со храна, гориво и најважно вода. Тука многу патници имаа загинато испивајќи ја во очај и последната капка вода од ладилникот на автомобилот. Некој попат се беше сетил да му даде две штици од старо буре да ги подметнува под тркалата кога автомобилот ќе заглави за да не мора да го испушта воздухот од гумите а потоа на врелото сонце да ги пумпа.
На најтешката делница тргна после детална проверка на автомобилот, подмачкување на шасијата и подесување на сопирачките, со залихи од 173 литри бензин, 15 литри масло, 25 литри обична и 3 литри минерална вода. Носеше 52 литри вода помалку отколку што предвидуваа безбедносните прописи, ама не сакаше да го преоптовари автомобилот. Ни водата од ладилникот не можеше да ја пие бидејќи во неа имаше адитив против смрзнување. Топлината и замор набрзо доведоа до халуцинации – фатаморгани на шума, светлечки ленти кои летаат низ воздухот… Бакик, немиот африкански водич кој го следеше на овој дел од патот, не знаеше да вози. Со својот 1,8 литарски мотор и клиренс од 180 mm, автомобилот често заглавуваше на песокливиот терен полн со исушени грмушки. Храбриот истражувач сепак растојанието од 1.300 km го помина за два наместо вообичаените три дена.
Откако го остави молчеливиот водич, тој продолжи низ беспаќата избегнувајќи разни животни и змии и повеќе пати откопувајќи го автомобилот од песокта. Помина и низ подрачје каде беснеше степски пожар, возејќи на врелината со затворени прозорци и со страв заради бензинот со кој автомобилот беше натоварен. Кога исцрпен стигна на целта на етапата, испи толку вода и лимонада што три пати се онесвести одејќи кон собата каде требаше да преспие. После два дена одмор и подмачкување на автомобилот, Хануш се врати на патот преку регион зафатен со жолта треска каде триесет отсто од Европјаните не преживуваа. Сепак после мачно поминати 6.546 километри низ Африка во петнаесет етапи со импресивен дневен просек од 436,6 km и рекорд од поминати 727 km за еден ден, тој го почувствува солениот воздух кој го најавуваше приближувањето кон Атлантикот. Четири дена подоцна со параброд тргна назад во Европа, ама невнимателните пристанишни работници при растоварувањето на автомобилот го оштетија ослонувањето на предното лево тркало. Без да го поправа тој се упати дома каде стигна на 17 март, после точно едномесечно патување. Возејќи 9.716 km, просечната потрошувачка на Škoda 633 изнесуваше 13,75 литри гориво на 100 km.