Ем штетно, ем опасно
» Пушењето е штетно за здравјето, а во автомобил уште поштетно бидејќи циркулацијата на воздухот е ограничена па чадот подолго се задржува – некој некогаш пресметал дека во возило кое стои концентрацијата на штетни материи од чадот на цигарите е дури за 11 пати поголема отколку во затворена просторија во која се пуши. Доколку возилото се движи ситуацијата е малку подобра – концентрацијата на штетни материи е „само“ седум пати поголема. Дури и доколку цигарата се држи на самиот раб на подотворен прозорец на автомобил во возење таа сé уште е за две третини поголема отколку во задимена просторија.
Но освен што е штетно, пушењето зад воланот може да биде и опасно, и тоа колку пишување пораки на мобилен телефон за време на возењето, барем така велат австралиските стручњаци од повеќе различни области, меѓу кои има и претставници на тутунската индустрија. Но и без нив знаеме дека пушењето за време на возењето предизвикува несакани одвраќања на вниманието. Веќе и самото вртење на воланот додека се држи цигара во рака е проблематично. Кога пак таа се пали на возачот му требаат жонглерски способности, плус што мора и да го сврти погледот од патот. Опасноста од ризик за сообраќајна несреќа за време на пушењето во возење е дури за шест пати поголема отколку кај непушачите. Влијание има и јагленород моноксидот кој ја намалува способноста на крвта да го снабдува телото со кислород, што се манифестира преку главоболки, мачнини а понекогаш и вртоглавици. Негативното влијание на пушењето врз организмот може да трае и до 12 часа.
Чадот од цигарите пак ги иритира очите и грлото и предизвикува кашлање и замор, посебно кај непушачите кои во автомобилот немаат каде да се тргнат настрана „на почист воздух“. Заради тоа во некои земји пушењето во автомобилот е забрането, посебно кога во него се наоѓаат деца или трудници. Така е во Италија, а додека пак во Велика Британија не смее да се пуши во присуство на лица помлади од 18 години, дури и кога автомобилот стои а прозорците се отворени. Слично е во Ирска, во Франција и Грција границата е 12 а на Кипар е 16 години, исто како и на Малта каде не смеат да се пушат ниту електронски цигари. Казните за тоа движат од 50 па дури и до 3.000 евра. Покрај Европа и во другите региони постојат слични забрани, како на пример во неколку земји на Блискиот Исток и некои сојузни држави во САД, потоа во Канада, Јужна Африка, Нов Зеланд и Австралија, каде, колку за информација, цените на една кутија цигари се искачуваат и над 40 долари, односно околу 1.500 денари.