Добро е да се знае
» Прво и најважно – на зима возете со зимски пневматици, на лето со летни, но и за едните и другите битно е да се напумпани на правилен притисок кој зависи од самиот пневматик и оптоварувањето на возилото и кој треба да се контролира барем на секои две недели. Советите од типот дека на зима треба да се намали притисокот на воздухот игнорирајте ги – заблуда е дека помалку напумпаните пневматици подобро држат на лизгав коловоз. Правилниот притисок на воздухот е од пресудно значење за прилепувањето на асфалтот, а со тоа и за управливоста, стабилноста, кочењето и воопшто безбедноста, како и за животниот век на пневматиците и економичноста.
Ако притисокот е пренизок пневматикот се деформира и нема добра контактна површина со подлогата. Заради тоа пневматикот порано започнува да пролизгува, автомобилот полесно се занесува и патот на кочење се продолжува. Истовремено се зголемува отпорот на тркалање и пневматиците побрзо се трошат, а расте и потрошувачката на гориво. Но не е добар ниту превисокиот притисок бидејќи кога пневматиците се препумпани се намалува контактна површина, тие се трошат неправилно и се зголемуваат динамичките оптоварувања на подвозјето и целиот автомобил. Посебно е опасен нерамномерниот притисок во пневматиците на една оска.
Заради сето ова се препорачува после секое полнење гориво, пред тргнување на подолг пат или на секои две недели да се провери притисокот во пневматиците и по потреба да се корегира на предвидените вредности, во зависност од оптоварувањето, кои ќе ги најдете на капачето од резервоарот или на внатрешната страна од столбот или возачката врата. Ова е посебно важно за зимските месеци кога воздухот на студеното време го намалува својот волумен – пневматик напумпан на лето теоретски, доколку го задржи целиот свој воздух, на зима ќе има за 0,2 бара помал притисок. Притисокот во пневматиците се проверува пред возење, кога тие се ладни. Ако забележите дека пневматикот константно губи воздух, односно ако при секоја проверка треба да го допумпувате, отидете на сервис – почестите контроли не се доволни.