Tags: , ,
Подемот и падот на ванкел моторот (2*видео)

Причината зошто пропадна NSU

» При крајот на шеесеттите, челниците на NSU беа сé повеќе загрижени. Две третини од сопствениците на футуристичкиот Ro 80, европскиот автомобил на 1968 година, беа целосно незадоволни. Двокоморниот ротационен мотор трошеше големи количини гориво и масло, а ретко траеше повеќе од 30.000 km. Рекламациите беа бројни, а најчесто страдаа заптивките на триаголните клипови. Според спроведените анкети помалку од 10 отсто од сопствениците изјавија дека повторно би го купиле. Најголемиот удар сепак дојде од Америка – ванкел моторот падна на испитот за еколошките норми со толку поразувачки резултати што шансите за поправен испит беа мали. NSU тонеше во сé подлабоки губитоци и стануваше сé појасно дека 500-те милиони тогашни марки вложени во развој неповратно пропаѓаат. Ни експертите не беа одушевени. Кружеше приказна дека ванкел моторот е одговор на прашање кое не е ни поставено и дека ги обединува сите мани на двотактните и четиритактните мотори.

За NSU оваа несреќна приказна започна во ’50-тие години кога го ангажира генијалниот самоук стручњак за механика Феликс Ванкел да развие мотор врз основа на неговиот концепт замислен уште во 1924 година. Првиот прототип на ротациониот мотор со триаголен клип кој работеше во четири такта проработи во 1967-мата, а изумот беше претставен на јавноста во 1960-тата. Во NSU беа одушевени и се подготвуваа за негово сериско производство. Се споменуваа одличните резултати од испитувањата, дотолку што изгледаше дека деновите на ото и дизел моторите се одбројани. Дури после неколку децении се дозна за поразувачките експерименти во кои ванкел моторите откажуваше после само десетина часа работа. Моторот се прегреваше, свеќичките прегоруваа, а потрошувачката на бензин и масло беше ужасно висока. Најголеми главоболки задаваа заптивките на клиповите. Тврдите челични беа отпорни на трошење но често пукаа и го браздеа куќиштето на моторот, а меките јагленородни ќе работеа одлично неколку часа по што моторот ќе застанеше. Во меѓувреме сите големи компании купија лиценца за ванкел моторот. Покрај NSU, најупорни во идејата за негова имплементација во возилата беа Citroen, Mercedes и Mazda. Ескпериментираа и други и сите се надеваа дека ќе се решат детските болести на новиот мотор. NSU пропадна и во 1969-тата го презеде Volkswagen, а Феликс Ванкел се збогати бидејќи договорот му гарантираше 40 отсто од лиценцните добитоци.

Првиот автомобил со ротационен мотор, NSU Spider, беше претставен при крајот на 1963 година. Имаше еднокоморен мотор со работна зафатнина од 497 cm³ од кои извлекуваше 50 KS при 6.000 вртежи во минута. Малиот двосед кабриолет (3.580×1.520×1.235 mm) имаше солидни перформанси (14,5 секунди од 0 до 100 km/h, максимални 155 km/h), но се расипуваше и трошеше од 8 до 12 литри на 100 километри. Се произведуваше од 1964 до 1967 година и беа продадени само 2.375 примероци. Се зборуваше дека во NSU ја научиле лекцијата и дека за нивниот следен ванкел модел сé ќе биде подобрено. А кога тој се појави, ја воодушеви јавноста. Ro 80 имаше клинеста каросерија со подигнат заден дел, модерно независно ослонување со минимални неослонети маси и двокоморен мотор кој работеше мирно како осумцилиндричен.  Од 995-те кубни сантиметри работен волумен исфрлаше 115 KS со кои постигнуваше одлични перформанси – забрзување до 100 km/h за 14 секунди и максимални 180 km/h. Сепак набргу стана јасно дека NSU прерано тргнал во сериозна работа. Лимузината од тогашната виша средна класа (4.780×1.760×1.410 mm) се произведуваше од 1967 до 1977 година за кое време беа направени едвај 37.406 примероци.

Додека NSU ги црпеше последните финансиски резерви, останатите производители беа далеку попретпазливи. Mercedes од 1969 до 1971 година испробуваше три и четирикоморни мотори со 280 и 350 KS со кои болидот со крилни врати C 111 постигнуваше 260 односно 290 km/h, но не се реши за сериско производство. Citroen во 1973-тата го претстави GS Birotor со двокоморен ванкел со 107 KS. До сто забрзуваше за 14 секунди и постигнуваше 175 km/h, но потрошувачката му беше енормна – меѓу 12 и 20 литри на 100 километри. Резултатите беа катастрофални – беа продадени само 874 примероци и производството беше прекинато во 1975-тата.

Единствени кои успеаја беа инженерите на Mazda. Работејќи молкум, тие ги решија проблемите што другите не можеа и нивните мотори издржуваа и по повеќе од 100.000 km. Првиот модел со ванкел мотор, Cosmo Sport, беше преставен неколку месеци пред Ro 80. Бидејќи се произведуваше рачно се правеше само по еден автомобил дневно. Следеше серија други модели сé до 2012-тата, кога престана да се произведува спортскиот RX-8 кој имаше двокоморен мотор со 1.308 cm³ и 231 KS што ги развиваше при високи 8.200 вртежи во минута, доволни за забрзување до сто за 6,4 секунди и максимална брзина од 235 km/h, трошејќи притоа просечни 11,4 литри на 100 километри. За сите овие години Mazda вкупно произведе скоро два милиона возила со ванкел мотор.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *