Tags: , ,
Погонски системи – предности и мани

Кои, какви…

» Јавноста секојдневно е опсипана со понуди на разни модели кои згора имаат и различни погони, заради што ќе се обидеме во кратки црти да опишеме какви погони се нудат, кои се главните својства на различните системи и нивните компаративни предности во однос на останатите, како и условите под кои тие постигнуваат максимални резултати. Во крајна линија, во зависност од потрошувачката, односно од емисијата на штетни гасови, државите ги одредуваат и давачките со кои се товарат сопствениците на тие возила.

1. Мотори со внатрешно согорување

– Бензинците од понов датум воглавно работат со систем за директно вбризгување на гориво. Трендовите налагаат намалување на работниот волумен и користење на турбо полначи и четиривентилска технологија. Работата на вентилите е контролирана, и тоа посебно на всисниот и на издувниот пар. Во последно време во тренд се мотори со три цилиндри, при што работниот волумен им изнесува до 1,5 литри. Посебно интересни се еднолитарските мотори кои се вградуваат дури и во модели од Д-сегментот. Силината им се движи во опсег помеѓу 105 и 140 KS. Поради високата емисија на CO2 големите атмосферски мотори сé помалку ги има во понудата – веројатно во иднина ќе претставуваат своевидна ретро-егзотика.

– Дизел моторите се под голем притисок поради неможноста да се намали количината на штетните азотни оксиди присутна во нивните издувните гасови. За елиминирање на таа појава кај новите изведби се користат двојни катализатори, DPF (Diesel Particular Filter) и SCR (Selective Catalytic Reduction), но сложениот систем за прочистување на издувот сериозно им ја покачува цената. Сé почесто е користење на дизели со волумен од 1,6 литри чија силина изнесува помеѓу 105 и 130 KS. Но ќе повториме, оправдување на високата почетна цена може да биде само големиот број изминати километри во пократок временски период. На европскиот пазар за последните пет години учеството на дизелите во вкупната продажба е паднато од 51 на 32%.

2. Хибриден погон

Самото име наведува на користење на два различни типа на погон. Во принцип говориме за комбинација на бензински и електричен мотор  – концепцијата со дизел мотори ретко се среќава. По правило сите хибриди, поради поефикасно искористување на горивото, користат автоматски менувачи. Регенерацијата на енергија која се ослободува при сопирање и при инерцијалните сили, исто така претставува стандард. Електричниот мотор работи паралелно со бензинскиот така што за погон ја користи акумулираната енергија од батериите. Капацитетот им досега до максимални 1,5 kWh што е доволно возилото да се движи на електричен погон само пар километри, и тоа при брзини кои не надминуваат 40 km/h. Главниот бенефит од хибридните погони се чувствува при градско тргни-застани возење. На отворен пат предноста повеќе се гледа при инстантна потреба од зголемена силина отколку кај потрошувачката.

3. Благи хибриди

Во последно време се омилена тема на многу производители. Се работи за систем базиран на мотор/генератор кој преку ремен се поврзува директно на работното вратило на моторот. Варијациите на таа тема се во однос на вклучувањето на електричниот мотор кој може во одредени ситуации да биде ангажиран и за погон на возилото или пак негово користење се сведува само како генератор на електрична енергија со која понатаму се напојуваат останатите компоненти на возилото. Системот може да биде изведен да работи на 48 волти што условува модифицирање на целата електрична мрежа на возилото, или пак на стандардните 12 волти. Заштедите на гориво кои се овозможуваат со овој прилично едноставен систем одат и до 20%.

4. Плаг-ин хибриди

Од сите варијации на тема хибридни возила, единствено плаг-ин хибридите влегоа во нашиот закон за данок на моторните возила. Во принцип говориме за хибридни системи од погоре опишаните во точка 2, со таа разлика што освен при возење, кај овие возила батериите можат да се полнат и од електричната мрежа. Најголемата разлика ја прават токму тие чиј капацитет изнесува помеѓу 10 и 15 kWh што овозможува автономија од добри педесетина километри, што пак се смета за европски дневен просек. Во принцип батериите им се полнат за 3 до 4 часа, што, ако се има услови, не преставува некој поголем проблем. За корисници кои не ја надминуваат таа дневна километража, плаг-ин хибридите претставуваат одлична опција затоа што можат тоа растојание да го поминат само на електрична енергија. Како што е случај и со класичните хибриди, и овој систем на отворен пат, откако ќе се исцрпи енергијата од батериите, не успева да оствари некои позначајни заштеди.

5. Електричен погон

Кај електричните возила работата е прилично јасна – тие се движат со помош на електромотори и воопшто не загадуваат. Во поевтините варијанти се користи само еден електромотор (поставен на предната или пак на задната оска), додека желбата за погон на сите тркала се исполнува со вградување на по еден мотор на секоја оска. Електричните суперспортисти од типот на Rimac поседуваат по еден електромотор поставен на секое тркало. Капацитетот на батериите им варира од околу 30 до 100 kWh кои овозможуваат автономно движење до максимални 500 километри. Со употреба на брзи полначи, за полнење на батериите до 80% од капацитетот обично им треба време кое не е подолго од четриесетина минути.

Пошироката примена на електричните возила е лимитирана со цената на литиум-јонските батерии, но со омасовување на производството се очекува и таа да опаѓа. Отсуството на механичките компоненти како што се класичен мотор, менувач, оски и друго, им овозможува влез во бизнисот со возила и на нови производители. Главната придобивка во користењето на електричните возила е во големиот број даночни олеснувања како и субвенции при нивно купување. Да, секако, и отсуството на било какви издувни гасови.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *