Tags:
Ризиците што ги носи запчестиот каиш (видео)

Проверете и ако треба предвреме заменете

» Кинењето на запчестиот каиш кое предизвикува хаварија на моторот не се случува одеднаш бидејќи претходно се појавуваат пукнатини и оштетувања, односно замастување на каишот, што треба да се открие навреме. На голем дел возачи им е познато дека во случај запчестиот каиш да пукне доаѓа до големи оштетувања на моторот бидејќи клиповите и вентилите ќе се судрат. Тогаш доаѓа до деформација на вентилите, оштетувања на водилките и клиповите, а во потежок случај и на брегастата оска и главата на моторот. Заради тоа секој производител пропишува интервал кога запчестиот каиш треба да се замени, кој знае да биде и повеќе од 100.000 km, со негови редовни контроли на одредени периоди. Но без разлика на тоа запчестиот каиш треба да се проверува на секој голем сервис, бидејќи пред неговото кинење по правило се јавуваат пукнатини. Проблем може да биде и замастувањето предизвикано од пропуштањето на масло од заптивките на коленестото вратило или брегастите оски. Тогаш се намалува корисното триење меѓу запчестиот каиш и ремениците и може да дојде до прескокнување на каишот кое исто така предизвикува судирање на клиповите и вентилите и хаварија на моторот.

Стареењето и дотраеноста на запчестиот каиш се препознава по попречните пукнатини на периферните површини и страните. Тоа е знак дека треба да се замени. Состојбата на запчестиот каиш се проверува со симнување на заштитниот капак, сегмент по сегмент, со благо свиткување на каишот со рака за полесно да се забележат пукнатините. Менувачот треба да се уфрли во највисок степен на пренос, а туркањето на автомобилот бавно ќе го врти коленестото вратило односно ќе го поместува каишот. Така е можно тој целиот да се прегледа. Запчестиот каиш треба да се прегледа по целата должина, од надворешната и внатрешната страна, посебно во периферните подрачја каде се концентрираат напрегањата и предизвиканите пукнатини и оштетувања се најопасни. Ако се забележат пукнатини или оштетувања, заменете го веднаш без оглед на неговата пропишана трајност. При замената на каишот треба да се заменат и затегнувачите и водилките, како и пумпата за разладната течност ако е задвижувана со запчестиот каиш.

Запчестиот каиш не е потребно да се одржува, скоро е бесшумен, создава помали отпори и механички губитоци од ланецот и е поевтин. Работи и повоедначено, помеко ја пренесува силата потребна за задвижување на брегастите оски и ги ублажува динамичките оптоварувања на разводниот механизам. Се изработува од композитни полимери и е засилен со мрежа од стаклени влакна. Ги задржува добрите механички својства, динамичката отпорност и отпорноста на трошење во широко температурно подрачје од -50 до +260° C. Малку е чувствителен на влијанието на кислородот и озонот заради што бавно старее. Но главниот недостаток му е ризикот од кинење. Се случува ретко, но се случува.

Првиот сериски автомобил со мотор со запчест каиш беше Glas 1004 од 1962 година – BMW ја купи оваа компанија токму заради нејзиниот изум. Разводниот механизам беше едноставен, а запчестиот каиш без затегнувачи. Помасовното користење на запчестиот каиш започна при крајот на ’60-тите во Fiat 124 Coupe и 125.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *