Ќе остане ли цената на нафтата висока?
» Руската инвазија на Украина предизвика силен скок на и онака високата цена на нафтата, која ја проби границата од 100 долари за барел. Посебен фокус во кризата која доминира во медиумскиот простор веќе со недели е ставен на потенцијалните прекини во снабдувањето, кои не се без основа. Затоа и се очекуваше дека ОПЕК, чии членки сметаа дека цената на нафтата претерано порасна, ќе реагира и со зголемување на производството ќе влијае за намалување на цените. Но ништо од тоа – нивното сегашно мислење откако ескалираше ситуацијата е дека таа е „комплицирана и нестабилна“ и нема да преземат никакви чекори да влијаат на движењата на цените.
Затоа сега, повеќе од било кога, постои оправдана загриженост околу снабдувањето со нафта од Русија, што сигурно ќе се одрази на нејзината долгорочна цена. Некои црни прогнози одат предалеку – споменуваат четирикратно поскапување. Тоа е малку веројатно, но сигурно е дека и зголемувањето на цената на нафтата ќе се користи како средство краткорочно да се намали нејзината потрошувачка, а со тоа и побарувачката на руската нафта.