Премиера во Лас Вегас
» Со сопствено знаење и италијански дизајн, Турците го направија својот прв автомобил, кој го покажаа на CES во Лас Вегас. Тој ги носи ознаките на компанијата TOGG, која е конзорциум од повеќе турски компании подржан од владата, специјално создаден да ги лансира првите национални автомобили. Неговите планови предвидуваат создавање серија возила – за почеток кросовер кој го видовме лани и автомобилот со класична форма што го покажаа сега. Сите се електрични, базирани на сопствена технологија за која се знаат само најосновните работи кои повеќе или помалку не кажуваат ништо. Автомобилот што го подготвија за Лас Вегас, Турците, очигледно набрзина, го нарекоа Transition Concept Smart Device што не значи ама баш ништо. Сепак дизајнот потпишан од Pininfarina кажува дека доста сериозно ја имаат сфатено работата и дека можеме да веруваме дека еден убав ден навистина ќе стане сериски производ како што тие се надеваат.
Треба да појасниме и дека строго гледано овој автомобил историски не е навистина прв создаден во Турција бидејќи таа улога му припаѓа на неуспешниот модел Devrim од 1961 година, од кој се направени само четири прототипи. Од нив три се уништени за да се искористат нивните компоненти.